Екипата на РК Алкалоид ги почна подготовките за продолжението на суперлигашката сезона во која ќе учествува во Плејоф разигрувањето и ќе се бори за што повисока позиција и пехарите од првенството и Куп натпреварувањето.
Најголемиот дел од ракометарите на РК Алкалоид беа дел од македонската репрезентација на тековното Европско првенство каде што националниот тим се пласираше во Топ 16 и резултатски ги оправда очекувањата.

Делот од ракометарите кои немаа репрезентативни обврски се подготвуваше во Скопје, а со нив и едно ново име. Десниот бек Филип Николов премина во редовите на РК Алкалоид и ќе биде на располагање на тренерот Кирил Лазаров, а Михаил Иваноски, играч исто така од десната бековска позиција направи трансфер и во продолжението на сезоната ќе игра во Словенија.

Тренерот Кирил Лазаров на располагање на тренинг ги има сите ракометари.
„Веќе ни е позната ситуацијата по големи натпреварувања да се вратиме на клупски обврски и да го фатиме овој начин на работа. Имаме голем број на репрезентативци, тие се веќе во некоја оптимална форма и како што реков, знаеме каков е процесот за надоврзување од репрезентативен на клупски план.
Се подготвуваме за тоа што не очекува, крајот на регуларниот дел од сезоната и почетокот на Плејофот. Задоволен сум од состојбата на ракометарите кои останаа овде и ги одработуваа зимските подготовки заедно со кондицискиот тренер. Репрезентативците што беа на ЕП здравствено се добро, што е многу важно. Тие што играа повеќе се во подобра форма, со другите работиме повеќе. Имаме максимален увид и знаме што треба да одработиме до почетокот на продолжението на првенството.
Немаме време за посебни подготовки, имаме само уште една недела до стартот, работиме на техничко тактичка подготовка. Филип Николов е ново име во тимот. Квалитетен македонски ракометар на добра возраст. Мислам дека со неговиот начин на игра ќе придонесе да бидеме поцврсти и поборбени, посебно во дефанзивата и очекувам со неговото присуство да бидеме пет до десет проценти поквалитетни во секој сегмент.
Тоа е единствената измена, Михаил Иваноски замина во Словенија, на неговата позиција дојде Николов“, изјави тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.










