Она што се најавуваше со месеци наназад, сега е и официјално. Имено Леон Горецка, играчот за врска на репрезентацијата на Германија во јуни си оди од Баерн Минхен.
Неговиот договор со Баерн исктекува во јуни, а самиот Горецка денеска објави дека си оди од Минхен:
„Почестен од интересот од големите клубови, јасно одлучив, за себе, дека сакам да останам во Баерн до крајот на сезоната. Во исто време, клубот и јас се согласивме, по добри и конструктивни дискусии, дека нашиот успешен период заедно ќе заврши ова лето. Како што реков претходно, ова е исто така вистинско време за мене да отворам ново поглавје, како фудбалер и како личност“, објави 30-годишниот Горецка на својот Инстаграм профил.
Според германските и шпанските медиуми, Атлетико Мадрид изразил интерес да го доведе Горецка пред крајот на зимскиот преоден рок. Горецка ќе биде слободен агент на 1 јули. Тој ја започна својата кариера во Бохум каде што стана професионалец во 2012 година, а потоа се пресели во Шалке една година подоцна пред да се приклучи на Баерн во јули 2018 година. Со баварскиот клуб ја освои Лигата на шампионите во 2020 година, како и шест титули во Бундеслигата.










