Критиките сепак допреа, ЕХФ ја призна грешката – ќе ги менува старите навики!

212

Европската ракометна федерација (ЕХФ) реагираше на критиките поврзани со распоредот на натпреварите на Европското првенство за мажи ЕХФ ЕУРО 2026 и го објави следново соопштение:

„Распоредот на натпреварите за претстојните Европски првенства ќе биде прилагоден со цел да се намали оптоварувањето на играчите и да се овозможи најдобар можен баланс за сите учесници во однос на деновите за одмор и патување.

Треба да се напомене дека ваквите распореди секогаш се изработуваат многу однапред, во соработка меѓу организаторите и ЕХФ. Распореди кои вклучуваат двојни натпреварувачки денови постоеја и на претходни шампионати. Дополнително, обемот на можните прилагодувања за идните ЕХФ ЕУРО првенства варира во зависност од фазата на организациските процедури.

За Женското ЕХФ ЕУРО 2026, кое ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција (3–20 декември 2026 година), распоредот ќе обезбеди деновите за патување и одмор да бидат раздвоени.

За Машкото ЕХФ ЕУРО 2028 во Шпанија, Португалија и Швајцарија (13–30 јануари 2028 година) нема да има последователни натпреварувачки денови, односно нема да се играат два натпревари во два дена. Деновите за патување и одмор ќе бидат јасно раздвоени.

За Женското ЕХФ ЕУРО 2028 во Норвешка, Данска и Шведска, како и за сите идни ЕХФ ЕУРО првенства од 2030 година па натаму, Европската ракометна федерација е во разговори со соодветните организатори за воведување четвртфинална фаза.

Доколку биде воведена, максималниот број на натпревари (девет) ќе остане ист. Воведувањето четвртфинале ќе гарантира дека секогаш ќе има најмалку еден ден одмор меѓу натпреварите, а деновите за патување ќе бидат одвоени од натпреварувачките денови“, се огласија од ЕХФ. 

ПретходноДонов и Пиреш за пресврт триумф на Силекс против Динамо Батуми
СледноНовак за тие што велеа дека е пропаднат тенисер: “Нешто кажавте?“