ТФТ остана на врвот во Супер лигата, откако на гостински терен кај Работнички славеше со 84-88. За тимот од Тафталиџе ова беше 12. победа, има и еден пораз, додека пак за „црвено-белите“ ова е осми пораз, втор во низа.
Ова беше меч со доста пресврти и неизвесност до самиот крај. ТФТ победникот го реши во последните три минути кога направи серија од 9-2. И тоа со тројките на Ташовски, Иванов и Говенс.
Први стрелци во редовите на ТФТ беа Ташовски и Дејвис, постигнаа по 20 поени. На другата страна Ефремовски и Рикиќ имаа по 24 поени.
МЗТ Скопје пак заврши според планот, кај Феникс славеше со 73-85. Со новите бодови актуелниот првак ја продолжи битката за лидерското место со ТФТ.
Смит Мексвејн со 20 поени беше прв стрелец кај МЗТ каде Танасковиќ дојде до 16 поени. Кај Феникс 2010 Дајсон даде 18 поени, Рахама застана на 15 поени.










