Европа наскоро ќе добие нов првак. Во финалето кое се игра утре во „Јиске Банк Боксен“ Арена ќе се сретнат Данска и Германија. Се чини овој јануари беше доста исцрпувачки за сите оние тимови кои останаа до самиот крај. Иако ракометарите се уморни, сепак само еден тренер (Сигурдсон) одлучи да зборува поостро за условите и негрижата од страна на ЕХФ за главните актери на теренот.
На оваа тема за „Индекс.хр“ зборуваше и поранешниот македонски и хрватски селектор, Лино Червар.
„Да ви кажам искрено, луѓето се плашат нешто да кажат, се плашат од последиците. Нашата најголема рана се правилата кои никој не ги разбира. На овој натпревар гледавме дополнителен „шоу“, каде што еден играч на англиски се „исповедаше“ дали го фатил противникот за врат или не, и слично…
Нема да се става под лупа дали имало пробивање или не. Правилата мора да се менуваат, со вакви правила не може да се оди на Олимписки игри. Никој не знае точно да каже што е пробивање, а што не. Тоа се стручни работи и се многу важни. Едно пишува во правилата, а сосема друго се интерпретира на терен.
Што се однесува до условите што ги спомнавте, сите играчи мора да ги имаат своите права. Но, тука логистиката мора да си ја заврши својата работа. Грижата на играчите е да играат и да тренираат, а други луѓе се задолжени да им обезбедат добри услови на играчите и тренерите. Логистиката мора да го одработи својот дел“, рече Червар.










