НБА ѕвезда удри жестоко по судија: Добив техничка бидејќи од бел судија побарав почит

182

Ѕвездата на Голден Стејт Вориорс, Дрејмонд Грин, го обвини судијата Џеј-Ти Ор дека му досудил техничка грешка откако му рекол да не му ја внесува раката во лицето. Притоа нагласи дека станува збор за „бел“ судија. Инцидентот се случи во петокот навечер на домашниот натпревар против Детроит Пистонс, на кој гостите победија со 131:124.

„Мислам дека е крајно иронично што добив техничка грешка затоа што на бел судија му реков да не ми става рака во лице. Како црн човек во Америка, немој да ми ја внесуваш раката во лицето“, изјави Грин пред новинарите.

Според неговите зборови, Ор за време на расправијата му рекол: „Дрејмонд, ова ти е шанса да престанеш да зборуваш со мене“, а Грин тврди дека судијата при тоа ја кревал раката кон неговото лице. Снимката од телевизискиот пренос, сепак, не покажува дека судијата за време на расправијата ја подигнал раката кон Грин.

„И му реков: ‘Еј, немој да ми ја ставаш раката во лице.’ И добив техничка. Тоа ми беше најинтересниот дел од целата вечер“, додаде Грин, па продолжи со критиките дека почитта е „двонасочна улица“.

„Сите сакаат да зборуваат за тоа дека треба да се држи линијата на почитување. Таа линија мора да важи во двата правци. Ако не важи во двата правци, тогаш ни јас нема да ја почитувам од моја страна, затоа што сите сме мажи и сите можеме да носиме одлуки и да бираме. Нека ова биде последен пат да се случи вакво нешто“, порача тој.

Ова беше неговата десетта техничка грешка оваа сезона и вкупно 209-та во кариерата, вклучувајќи го и плејофот. Претходно овој месец, Грин го забележа и своето 24-то исклучување во кариерата, со што е втор во историјата на НБА, пет помалку од рекордерот Рашид Волас (29).

ПретходноПрвиот човек на ЕХФ откри: Сигурдсон се извини, таквиот речник не е прифатлив
СледноГерманците се пожалија од данските навивачи поради свирежите!