НБА лига е на прагот на историска размена на играчи, само два дена пред истекот на рокот за трансфери. Милвоки Бакс, наводно, активно преговараат за заминувањето на својата најголема ѕвезда, Јанис Адетокумбо, кој е член на тимот од 2013 година. Според достапните информации, и клубот и играчот сметаат дека нивниот заеднички пат дошол до крајот, а за услугите на грчкиот кошаркар се борат четири екипи.
Спортскиот новинар Шамс Чаранија објави дека Бакс веќе испратиле контрапонуди до тимовите кои агресивно се обидуваат да договорат трансфер за 31-годишниот разновиден крилен играч. Извори од ESPN потврдуваат дека најзаинтересирани и најактивни во преговорите се Мајами Хит, Минесота Тимбервулвс, Голден Стејт Вориорс и Њујорк Никс.
Во Милвоки сметаат дека, по речиси 13 години, циклусот на Адетокумбо во Бакс е завршен, што го потврдува и фактот дека неодамна беше исвиркан и од сопствените навивачи. Од друга страна, и самиот Адетокумбо веќе со месеци ѝ сигнализира на управата дека чувствува оти неговото време во клубот истекло. Гркот, кој сезонава во просек бележи 28 поени, 10 скока и 5,6 асистенции, верува дека на Бакс им е потребна целосна реконструкција на тимот.
Адетокумбо, кого Бакс го избраа како 15. пик на драфтот во 2013 година, откако претходно настапуваше за шпанска Сарагоса, стана рекордер на франшизата по бројот на поени, скокови, асистенции, блокади и одиграни натпревари.
Двапати беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на лигата – во 2019 и 2020 година. Со Бакс во 2021 ја освои шампионската титула, при што беше прогласен и за МВП на финалето, а во 2024 година во својата колекција трофеи го додаде и НБА Купот. Покрај тоа, десет пати по ред беше избран во стартната петорка на Ол-стар натпреварот.










