Три селекции во машка, и една во женска конкуренција, денеска, во Фрајзинг, каде беше извршена официјалната ждрепка, ги дознаа противниците за претстојните европски младински првенства.
* Машката кадетска репрезентација на Македонија, која ќе биде и во улога на домаќин, на ЕП од Дивизијата „Б“ за кошаркари „Под 16“ години, кое од 6 до 15 август ќе се игра во нашиот главен град, ќе биде дел од групата „Б“. Покрај нашата селекција, во ова друштво се уште и репрезентациите на Украина, Швајцарија, Хрватска, Исланд и Кипар.
* Селекцијата на Македонија за кошаркари „Под 18“ години ќе биде дел од ЕП од Дивизијата „Б“ кое од 24 јули до 2 август ќе се игра во Хрватска, поточно во Ријека и во Опатија. А во првата фаза на турнирот во Хрватска, ќе се соочат со противници како што се Шведска, Унгарија, БиХ и Грузија, кои се дел од групата „Д“.
* Ова лето, нашиот младински национален тим ќе патува за Словачка, конкретно, до Братислава, каде во периодот од 10 до 19 јули. ќе се игра евро-шампионатот од Дивизијата „Б“, за кошаркари „Под 20“ години. Првата натпреварувачка фаза нашите младинци ќе ја стартуваат во групата „А“, во која се најдоа и националните тимови на: Шведска, Ирска, Словачка и Азербејџан.
* Женскиот младински репрезентaтивен сегмент ова лето ќе го претставува нашата селекција „Под 18“ години.
Нашите најдобри јуниорки ќе играат на евро-шампионатот од Дивизијата „Б“ во романската Тулчеа, во период од 31 јули до 9 август. Ждрепката ги постави во групата „Д“ во која се уште националните селекции на Грција, Словачка, Велика британија и Данска.










