Продолжува хаосот во Шкупи, новото раководство ги „замрзна“ сите активности! (ФОТО)

332

И дефинитивно продолжува хаосот во Шкупи, во клубот кој веќе подолго време, речиси две – три години е во агонија. Се менуваат раководствата, за тренерите воопшто да не говориме, ама хаосот и натаму владее на Чаир.

Вечерва преку официјалната ФБ страна на клубот со официјално соопштение се огласи новото раководство на Шкупи, во кое се вели дека додека не се решат некои работи со претходното раководство, ќе ги “замрзне“ своите активности во клубот.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

Почитувани, уште од самиот почеток кога ја презедовме одговорноста за организацијата на екипата, сите вие сте сведоци дека бевме транспарентни во секоја фаза од нашето работење. За секоја одлука што ја донесовме и за секоја работа што ја реализиравме, се консултиравме со нашите поддржувачи и со експерти од соодветната област.

Во текот на средата, во пресрет на пријателскиот натпревар со ФК Арсими, добивме телефонски повик од г. Беким Бафтијари, кој нè информираше дека ја презел сопственоста врз клубот. За време на одигрувањето на пријателскиот натпревар со ФК Арсими, сите бевме сведоци дека поранешниот претседател и сопственик на клубот, Јасин Коњали, објави фотографија со која му ја честита сопственоста на клубот на г. Беким. Од тој момент добивме бројни повици од членови и поддржувачи кои, со право, ја изразија својата загриженост. За време на натпреварот, г. Беким дојде на стадионот и ни го покажа овластувањето што го има добиено од поранешниот претседател.

Овластувањето опфаќа претставување во име на клубот пред институции, но не претставува доказ за пренос на акции и сопственост. Таков тип овластување во минатото имале и Флорим Муча, како и други извршни директори. Според овластувањето, г. Беким е „овластено лице од поранешниот претседател“, а не сопственик. Поранешниот претседател може во секој момент да ја промени таа одлука и да назначи друго лице на таа позиција.Со „овластеното лице од поранешниот претседател“ имавме состанок и минатата недела, на кој се договоривме сите одлуки да се носат заеднички. Неколкупати побаравме да се појави, но поради различни причини тоа не се случи сè до моментот кога овластувањето му беше во раце.

Секако, научени и „изгорени“ од минатото со различни „сопственици“ и „директори“, и ние имаме свои сомнежи и сме загрижени за иднината на функционирањето на клубот.

И по објавувањето на фотографијата од поранешниот претседател и по презентирањето на овластувањето, одржавме уште еден состанок на кој го прашавме како планира клубот да функционира во иднина. Не добивме конкретен одговор за плановите, туку само општ одговор: „сите заедно“. Зборовите се едно, а делата покажуваат нешто сосема друго. Активностите и дејствијата на „овластеното лице од поранешниот претседател“ во изминатиот период на социјалните мрежи, како и некои конкретни постапки, ги сметаме за недостаток на транспарентност кон нас. Неговата филозофија и начин на размислување и дејствување се спротивни на нашата филозофија и нашите принципи. Од тие причини побаравме да потпишеме договор со кој ќе се регулираат формите на соработка во иднина.

Ние имаме одговорност пред нашите поддржувачи, како и пред сите со кои изградивме искрена и вистинска соработка. Бевме во процес на изградба на систем за организација на работата и не сакаме името на ниту еден од нас да биде поврзано со активности за кои не знаеме кој е нивниот правец и цел.

Со многу напор успеавме да ја вратиме хармонијата и позитивната атмосфера во екипата, но таа беше нарушена во еден миг со неколку неочекувани потези. Исто така, имаме одговорност и пред играчите и стручниот штаб, кај кои се појави неизвесност за нивната иднина.

Сметаме дека ова овластување е уште една игра и обид од поранешниот претседател Јасин Коњали да купи време и да не му го предаде клубот на оние на кои навистина им припаѓа – граѓаните на Скопје. Не случајно, сето ова се случува неколку дена пред почетокот на пролетниот дел од сезоната. Затоа, како „Совет за спас и враќање на чесноста, достоинството и идентитетот на Фудбалскиот клуб Шкупи“, сè додека не се постигне писмен договор меѓу нас и „овластеното лице од поранешниот претседател“, ГИ ЗАМРЗНУВАМЕ СИТЕ НАШИ АКТИВНОСТИ ВО КЛУБОТ И ОКОЛУ КЛУБОТ, а на „овластеното лице од поранешниот претседател“ му посакуваме среќа и успешна работа во обидот да го спаси клубот од најлошото“, се вели во соопштението.

ПретходноХорор пад на тренинг пред стартот на Олимписките игри (ВИДЕО)
СледноАтанасовска и Јада ќе го носат знамето на Македонија на отворањето на ЗОИ!