Афродита Салихи: Гордо го носев дресот на Македонија! Бев премногу разочарана, од ЖФК Кочани не добив никаква помош – сама ја платив операцијата!

372

Зоран Ѓоршоски

Дека фудбалот не е само машки спорт најдобар пример за тоа е Афродита Салихи. Кога ќе се спомене женскиот фудбал во Македонија некои нешта веднаш асоцираат на Афродита и тоа поради квалитетот, освоените тофеи, сите рекорди, повеќе од тие 100 настапи за репрезентација на Македонија. Таа е една храбра, одлучна, одважна и фудбалски настроена девојка која знае што сака воопшто во животот и фудбалот пред се.

Неправди се случуваат, но Афродита стоечки ги прифаќа и вели дека тие се една добра животна лекција.

Се разбира дека тука мислиме на она што оваа храбра девојка и фудбалерка, која пред извесно време се прости од репрезентацијата, го доживеа или преживеа од септември па навака.

Како фудбалерка на ЖФК Кочани, на натпревар потешко се повреди, ги скина лигаментите на коленото на десната нога. И кога сите очекуваа токму нејзиниот клуб да и се стави на располагање, во најмала рака да ги плати операцијата и рехабилитацијата, клубот од Кочани ја остави на цедило. А Салихи сама го внесе тимот во Првата лига, откако во минатата сезона постигна 53 голови во сезоната во Втората лига.

Големата хероина токму за “Женски спортски приказни“ раскажува за најтешките денови кои ги поминува, но и секако за нејзината кариера.

Замислете, цели два месеци Афродита чекаше на операцијата…

„Повредата ја заработив на натпревар во Кочани, при нагло движење. Веднаш почуствував силна болка во коленото и веднаш знаев дека страдаа лигаментите“ ја започнува Салихи својата непријатна епизода од животот.

Не крие дека е разочарана од клубот за кој играше на тој натпревар кога се случи тешката повреда:

“Цели два месеци чекав на операција. Бев премногу разочарана, од ЖФК Кочани не добив никаква помош. Операцијата, потоа рехабилитацијата, се што треба друго, сама си ги платив. Звучи чудно, неверојатно, но таа е вистината. Затоа велам дека сум премногу разочарана. Оваа прилика сакам да ја искористам за да искажам уште еднаш голема благодарност до докторот кој веднаш ми се јави, Александар Савевски, како и до Роза Џолева, за професионалноста и поддршката што ми ја дадоа за време на операцијата, закрепнувањето, за се она што направија за мене. Да повторам дека од клубот сум разочарана, бидејќи во него се вложив целосно, вложив максимум и физички и психички. Играв претходно и повредена, секогаш ставајќи го тимот пред себе. Токму затоа чуството е посилно, но тоа го сметам како дел од спортот и како една голема животна лекција за мене“.

ЖЕЛБАТА Е ДА ОДИГРАМ БАРЕМ УШТЕ ЕДНА СЕЗОНА

И покрај тешката повреда, и покрај тоа што Салихи сега е во фаза на рехабилатиција, таа не крие дека сака да одигра барем уште една сезона а потоа да оди во играчка пензија:

“Откако ќе завршам со оваа долга рехабилитација, не кријам дека посакувам, имам желба, да одиграм барем уште една сезона. Тешко се откажувам од работите кои вредат за мене и кои ги сакам. Сепак сега приоритет ми е да заздравам, а потоа ќе видиме“.

Афродита вели дека делумно е задоволна од тоа што го постигнала во фудбалот, но исто така напоменува дека секогаш можело повеќе:

“Па, искрено делумно сум задоволна. Секогаш верувам дека можеше и повеќе, но такви беа условите во македонскиот женски фудбал во тој период. Делумно сум задоволна земајќи ги во предвид условите во кои трениравме и игравме. Од друга страна секако дека можам да бидам горда на постигнатото“.

Зад нејзе е долга и успешна кариера од речиси две децении. Посебно е горда на настапите во репрезентацијата на Македонија, кои се повеќе од 100.

“Имам играно во многу клубови, Шипоњат, Наше Такси, Единство, Победа, Истатов, Шкендија, ЖФК Атлетико, Кочани, Скопје, Олимпија Софија од Бугарија. Имам преку 100 настапи за селекцијата на Македонија со повеќе од 30 постигнати голови. За жал немаме точна и прецизна статистика бидејќи нашата федерација нема време да се замара премногу со женскиот фудбал“.

Женскиот фудбал во Македонија и натаму каска, во поглед на условите, во однос на машкиот. Салихи има свој коментар за тоа:

“Според мене женскиот фудбал во Македонија има голем потенцијал, но му недостигаат подобри услови. Постојат талентирани девојки кои заслужуваат повеќе внимание и можности, поголема медиумска поддршка“.

ДРЕСОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА СЕКОГАШ ЌЕ МИ ОСТАНЕ ВО СРЦЕТО

Таа не може да издвои кој и е најголем успех во долгата и успешна кариера, но затоа ги посочи нејзините индивидуални успеси:

„Индивидуално можам да бидам горда на тоа што сум го постигнала. Освоив 9 титули, двапати бев избрана за најдобра фудбалерка на Македонија, двапати бев најдобар стрелец. Гордо го носев дресот на македонската репрезентација, тој дрес секогаш ќе ми остане во срцето. Тоа доволно зборува за мојата посветеност, труд и љубов кон фудбалот“.

Афродита е активна на социјалните мрежи, таа важи за еден од најголемите фанови на Барселона во Македонија. Секогаш е отворена кога се коментира на оваа тема. Зошто Барса, а не Реал?

Ова е нејзиниот одговор, малку е и на шега:

“Пред се Барселона ја сакам поради стилот на игра. Убав, технички, тимски фудбал со идеја, карактер и дисциплина. А Реал…тие повеќе се познати по плачење, правење притисок и драма отколку по убав фудбал. Јас лично повеќе преферирарам стил, карактер и дисциплина. Токму затоа Барселона а не Реал“.

За крај Афродита Салихи вели дека, и покрај проблемите со повредата, таа е среќна и задоволна поради сегашниот работен ангажман што го има:

“Работам како негователка во градинката „Росица“. Иако фудбалот беше и секогаш ќе остане моја голема љубов, со условите кај нас од него реално не може да се живее, па затоа се насочив кон професија која ме исполнува и ми носи стабилност.

Сосема за крај сакам искрено да ви се заблагодарам како спортски медиум за вниманието, поддршката и просторот што го давате за спортот и спортистите, а лично сум горда што и јас сум дел од вашата прекрасна рубрика – Женски спортски приказни“ заврши Афродита Салихи, фудбалерката со која Македонија и тоа како треба да се гордее.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноАмар Хусеиновиќ прв на терен од македонските тенисери во дуелот против Кипар
СледноАлександар Петровиќ не е веќе тренер на Гостивар!