Екипата на Арсими со јасна визија и силна мотивација го пречекува продолжението од првенството. По интензивна и квалитетно одработена подготвителна фаза, екипата е подготвена да се соочи со предизвиците што ги носи пролетниот дел од сезоната, со фокус на стабилни настапи и остварување на зацртаните цели.
Тренерот на Арсими, Вилдан Салиу, ја оцени подготвителната фаза како исклучително успешна, истакнувајќи го ангажманот, дисциплината и сериозноста што фудбалерите ги покажаа во текот на целиот подготвителен период.
“Подготвителната фаза беше многу важна за нас и сум задоволен од начинот на кој тимот работеше. Подготовките во Хрватска, во Медулин, ни овозможија одлични услови за работа, квалитетни контролни натпревари и значително подобрување на физичката, тактичката и менталната подготвеност на екипата”, изјави Салиу.
Тој додаде дека стручниот штаб работел интензивно на корекција на слабостите и зајакнување на позитивните сегменти од играта.
“Новите засилувања брзо се вклопија во тимот и покажаа голем потенцијал. Очекуваме тие да имаат значајна улога во продолжението од сезоната, зголемувајќи ја конкуренцијата и стабилноста во сите линии на екипата”, нагласи тренерот.
Салиу e јасен и околу очекувањата за овaа полусезонa:
“Очекуваме стабилни настапи, тактичка дисциплина, максимална посветеност и континуиран напредок. Тимот мора да покаже карактер, единство и одговорност во клучните моменти од шампионатот.”
На крајот, тренерот ја потенцира и главната цел на клубот.
Нашата главна цел останува опстанокот на Арсими во елитата на домашниот фудбал. Со заедничка работа, верба и поддршка од навивачите, убедени сме дека ќе ја оствариме оваа цел и ќе поставиме цврсти темели за иднината на клубот.”
Пролетниот дел за Арсими започнува со сериозен предизвик, бидејќи во рамки на 17. коло ќе се соочи со лидерот на табелата, Вардар. Натпреварот е закажан за 11 февруари и ќе претставува важен тест за подготвеноста, карактерот и борбеноста на екипата во продолжението од домашното првенство.















