Олимписките медали веќе почнаа да се распаѓаат, дали скандалот во Париз се повторува?

64

Олимписките медали од Игрите сè почесто предизвикуваат незадоволство кај спортистите поради квалитетот на изработката. По проблемите што го одбележаа Париз 2024, првите потешкотии се појавија и на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, каде што некои медали почнаа да се оштетуваат уште за време на самите церемонии на доделување.

Американската скијачка Бриџи Џонсон освои злато во спуст, но на прес-конференцијата не ја носеше медалјата околу вратот. Објасни дека медалјата се одвоила од официјалната лента и поради тоа морала да ја чува во џеб. Додаде и дека се оштетила додека скокала од радост по победата.

Сличен проблем имал и германскиот биатлонец Јустус Стрелов, освојувач на бронза во мешаната штафета, а реагираше и Германскиот биатлонски сојуз кој иронично праша дали медалите не се наменети за славје.

Сепак, спортистите истакнуваат дека тоа не е ни приближно сериозно како она што се случи во Париз 2024 година, кога од медалите почна да се лупи бојата, па по неколку месеци изгледаа значително постари и оштетени отколку што треба.

Проблемот во Париз настанал за време на производството бидејќи првично било планирано да се користи хромов триоксид, супстанца што ја зголемува отпорноста на металот на корозија, но е забранета во Европската унија поради токсичност и канцерогеност. Организаторите во краток рок морале да најдат замена, што на крај довело до послаб завршен слој и оштетувања.

Поради тоа, париската ковница подоцна примила повеќе од сто медали за замена, а Меѓународниот олимписки комитет обезбедил нови примероци за спортистите.

ПретходноВардар 1961 ги пушти во продажба блок билети за дуелите од Лига Европа 
СледноПознато е колку пари заработија учесниците на Супербол