Шкендија – Струга ТЛ 2:0. Ова е исходот од супер – дербито од 17.коло или прво пролетно во ПМФЛ, кое се одигра попладнево во Тетово. Добра, одлична Шкендија, резервирана Струга ТЛ која очигледно беше дека оди на бод.
Себастијан Спахиу во 81.минута донесе водство, а Ндзенгуе во 88.минута со својот деби гол донесе 2:0. Голема и екстра значајна победа на Шкендија под Шара.
Едноставно Шкендија покажа зошто е шампион.
Сега Шкендија има 39 бода, два помалку од Струга ТЛ и три од Вардар кој има меч помалку.
А се започна со заканата на стружани, кога Алији можеше подобро да изреагира. Во тие моменти Струга ТЛ како да беше поактивна, но тоа траеше кусо. Имено како што одминуваше времето Шкедија беше таа што ја презема инјцијативата, го имаше поседот и имаше и шанси за отворање на резултатот. Се играше 8.минута кога Љатифи продре по левата страна, кога беше во зоната на шут, шутираше, но таа топка отиде над голот на гостите.
По десет минути Трумчи од далечина опасно биеше, но Ангелети од “втора“ ја скроти таа топка. Следуваше период во кој Шкендија и Струга ТЛ немаа искреирано акција за гол или шанса.
И тогаш за само две минути, во самиот финиш на првиот дел, Шкендија имаше три шанси. Прво Тамба опасно се закани од десната страна, но таа топка беше блокирана во корнер, а Мелиќи потоа во два наврати немаше среќа, Ангелети среќно одбрани.
Па така на пауза се замина со тие почетни 0:0.
Во второто полувреме Шкендија продолжи со акции и напади кон голот на Струга ТЛ. Гостите се обидуваа од контри да сторат нешто повеќе, но ништо од тоа. Се чини како стружани да беа задоволни и со тој резултат, со бод од ова дерби, важно им беше да не примат гол.
Мелиќи повторно во голема шанса, во таа 71.минута, кога сам, непречен од никого шутираше со глава, но за малку над голот на гостите. Нема што, тетовци заслужија водство, но треба да се даде гол.
Во тие моменти и дефинитивнио Шкендија тргна со сите сили во напад, целта беше јасна, да се даде гол и да се победи на овој меч.
И така беше. Во таа 79.минута Ибраими шутираше, Ангелети ја одби таа топка, Трумчи ја додаде до Спахиу кој стрелаше за 1:0, за водство на Шкендија.
Потоа и Ндзенугуе го постигна својот деби гол за Шкендија за 2:0 за шампионот.
Голема, голема победа на шампионот.















