Рио Фердинанд поради болки во грбот користи инвалидска количка

50

Рио Фердинат, легендарниот дефанзивец на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација, откри дека поради сериозни проблеми со грбот, кои се последица од играчката кариера, понекогаш мора да користи инвалидска количка и редовно завршува во болница. Фердинанд, кој денес има 47 години, минатата година со сопругата Кејт се пресели во Дубаи, каде се соочува со болните последици од кариерата во која одигра речиси 600 натпревари.

Иако на новите фотографии за еден магазин изгледа како да е во врвна форма, Фердинанд призна дека повредите кои со години ги игнорирал сега го стигнуваат. Со години користел инјекции и таблети против болки за да може да игра, а проблеми има и денес.

„Веќе долго имам проблеми со грбот. Влечам повреди од кариерата. Шест години играв под таблети и инјекции. Тоа остави последици. Имам тешки периоди со грбот кога морам да поминам неколку дена во болница или во инвалидска количка. Лудо е, но болката едноставно се појавува од никаде“, изјави тој.

Фердинанд и претходно зборуваше за физичките проблеми кои го мачеа кон крајот на кариерата, признавајќи дека жали што не се пензионирал во Манчестер Јунајтед, наместо што одиграл една сезона во Квинс Парк Ренџерс. Се надевал дека кариерата ќе ја заврши во добар стил во родниот Лондон, но таа сезона се претворила во кошмар. Одигра само 11 лигашки натпревари борејќи се со форма и повреди, а КПР испадна од лигата.

Еден од најдобрите англиски стопери на сите времиња кариерата ја започна во Вест Хем, каде – освен сезоната 1996/97 кога беше на позајмица во Борнмут – играше од 1995 до 2000 година. Следуваа две години во Лидс, а потоа од 2002 до 2014 беше играч на Манчестер Јунајтед. Со овој клуб шест пати ја освои Премиер лигата и еднаш Лигата на шампионите. Се прости во дресот на КПР. Дресот на англиската репрезентација го носеше од 1997 до 2011 година.

ПретходноКапитенот Барди пред ждрепката во ЛН: Предизвик што го заслуживме!
СледноПолувреме: Шкендија – Струга ТЛ 0:0, Тиквеш убедлив а Садик е стрелец на првиот гол во пролетната полусезона