Шокантната одлука која вчера удри како земјотрес во Македонија и одлуката ФК Победа да не го продолжи натпреварувањето во Втората лига е еден вид на фудбалско цунами во земјава. Најфудбалскиот град, клубот со историја, традиција и шампионски титули става катанец на вратите на стадионот „Гоце Делчев“.
ФК Победа е нешто повеќе за мак-фудбалот освен име на клуб кој според правилата на играта и законите во ФФМ ќе престане да се натпреварува. Овој клуб во некои други времиња ќе треба да се надева дека ќе го види светлото на денот. Клубот кој создаде плејада на фудбалски имиња и клуб кој како и сите други е жртва токму на дел од тие кои ги создаде, а кои раководеа и со своето незнаење и интриги го уништија заштитниот знак на Прилеп и неговата армија од навивачи.
Што во овој случај?
Правилникот вели дека треба да се донесе одлука за бришење на резултатите на ФК Победа во првиот дел од сезоната. Одиграни беа токму 50% од натпреварите па така во тој случај најголем добитник ќе биде екипата на Беласица која беше единствената од врвот на табелата која загуби од Победа. Во овој случај Беласица ќе доцни само два бода зад лидерот Охрид, ќе скокне пред Брегалница, а ќе има бод помалку зад Шкендија Арачиново.
Табела ако се избришат бодовите на Победа:
1. Охрид 33 бодови
2. Шкендија А. 32
3. Беласица 31
4. Брегалница 30
5. Скопје 26.
Интересно е и во долниот дел од табелата во битката за опстанокот. Таму најмногу профитираат Слога Виница која беше поразена во Прилеп со 3:0 и Вардар Неготино кој одигра дома 0:0 со прилепчани.
6. Новаци 24
7. Детонит 23
8. Осогово 21
9. Кожуф 19
10. Каменица Саса 16
11. Тетекс 14
12. Вардар Неготино 12
Затоа пак екипите на Преспа, Слога Виница а посебо Големо Коњари остануваат заковани на дното од табелата со невозможна мисија да обезбедат директен опстанок во лигата.
13. Преспа 6 бодови
14. Слога В. 6 бодови
15. Големо Коњари 0 бодови
Сепак конечната одлука за изгледот на табелата и судбината со ФК Победа треба да ја имаат натпреварувачката и дисциплинската комисија при ФФМ кои треба да се огласат пред стартот на вториот дел од шампионатот кој е закажан за 21 февруари. Според тоа како стојат работите противниците на ФК Победа пролетва ќе бидат слободни во термините кога требаше да ги играат дуелите со клубот од Прилеп. Прв кој ќе чека е составот на Новаци.
Во првиот дел од сезоната Победа освои вкупно 11 бодови со кои беше на очајната 13. позиција од табелата. Оваа сезона пет екипи директно испаѓаат од лигата а три екипи (од 9 до 11 место), ќе играат бараж.










