И натаму во мак – фудбалот централна тема е ФК Победа. Имено од клубот вчера соопштија дека нема да се натпреваруваат во ВМФЛ оваа пролет поради незавидната финансиска ситуација која се наоаѓа некогашната прилепска гордост. Секако дека ова беше шок за сите во фудбалска Македонија ако се знае која е Победа и што значел овој клуб во нашиот фудбал.
По се ова се огласи и Општина Прилеп, чие соопштение подолу ќе можете да го видите во целост, сепак фрапира фактот дека во нивната реакција стои дека тие имаат сознанија дека клупски пари на Победа се трошеле ненаменски, односно се трошеле по казина и слично. Ова е уште поголем шок за фановите на клубот од Прилеп, како и за сите во фудбалска Македонија.
„СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
Општина Прилеп со големо жалење ја прими веста за одлуката на раководството на ФК Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига.
Како институција која е секогаш посветена на поддршката на локалните спортски брендови, сакаме да ја информираме јавноста дека Општината во ниту еден момент не престана да презема активности за спас на клубот, но во тој процес се соочи со сериозен и континуиран недостиг на соработка од страна на мнозинските сопственици. Иако локалната самоуправа постојано иницираше дијалог за изнаоѓање долгорочно решение, сопственичката структура не покажа подготвеност за заедничко делување, одбивајќи да постави легитимни органи на управување и извршен директор, што практично го доведе клубот во состојба на функционална парализа.
И покрај ваквиот однос, Општина Прилеп покажа искрена желба за помош преку донесување одлука за еднократна финансиска поддршка во износ од 1.000.000,00 денари. Сепак, нејзината реализација беше законски оневозможена првично поради распишувањето на изборниот процес, а потоа и поради алармантната состојба со блокираната сметка на клубот која е резултат на долгогодишно недомаќинско работење. Официјалната документација која ние можеме да ја видиме открива разорен вкупен долг кон Управата за јавни приходи во износ од над 7.000.000,00 денари, кој вклучува неплатени придонеси за вработени во висина од 496.636,00 денари, неплатен ДДВ од 410.606,00 денари, долг за данок на добивка од 2.167.762,00 денари и персонален данок во износ од 1.986.538,00 денари. Тоа е долг само кон УЈП, не можеме да претпоставиме колкав е долгот спрема други приватни и државни субјекти. Исплатата на средства од Општина Прилеп секако немаше да може да се искористат за клубот, туку ќе завршеа во исплата на некои долгови на фирмата сопственик на клубот Победа.
Општината не смее и нема да дозволи буџетските средства на граѓаните да завршат како соучесник во покривање на вакви долгови, особено по сознанијата дека службени средства на клубот биле ненаменски трошени за уплати во казина, обложувалници и приватни потреби. При актуелната сопственичка структура, каде приватниот капитал поседува целосно мнозинство од акциите, одговорноста за финансискиот колапс и правниот вакуум е исклучиво кај сопствениците кои избраа пасивност наместо соработка со градот.
Нашата заложба за спас на ФК Победа останува непроменета, но единствениот пат напред е преку целосен и транспарентен увид во целокупното финансиско работење, бидејќи само на здрави и чесни основи можеме да го вратиме достоинството на овој клуб.
Општина Прилеп стои на располагање за помош, но средствата на граѓаните нема да дозволиме да се трошат за трошоци кои немаат врска со спортот, а Општината секогаш да биде дежурен виновник. Нашата желба за спас на прилепската гордост останува искрена и силна. Сепак, за каков било понатамошен чекор, Општината бара итен и целосен увид во целокупната финансиска документација и состојба на клубот.
Победа мора да продолжи на здрави основи, со чиста сметка и транспарентно управување, бидејќи само така ќе го зачуваме достоинството на клубот и на нашиот град“ се вели во соопштението на Општина Прилеп.
Што се однесува до тоа како и што понатаму со ФК Победа, пред се на тоа како ФФМ ќе ги води мечевите на тимот кој што се откажал, правилата се сосема јасни.
Ако ФК Победа и официјално достави документ до ФФМ дека се откажува од настап во ВМФЛ во пролетниот дел, сите досегашни резултати на тимот ќе се важат, значи табелата останува како што е. Од друга страна понатаму сите тимови кои требало да играат против Победа ќе бидат слободни тоа коло.










