Денеска на програмата се два меча од првото пролетно или 17.коло во нашата елитна фудбалска лига. На ФФМ, лидерот и есенскиот првак, тимот на Вардар, од 13 часот го дочекува Арсими, а во Кратово домашниот Силекс ќе ги одмери силите против Башкими.
Секако дека во центарот на вниманието ќе биде мечот во Скопје во кој во улога на фаворит е составот на Гоце Седлоски. Нема дилеми, Вардар тргнува по титулата, посакува победа и три бода. Едноставно со три бода да се стартува оваа пролетна полусезона. По вчерашниот меч во Тетово на кој Шкендија славеше против Струга ТЛ, Вардар во случај на победа денеска и тоа како ќе се зацврсти на врвот на табелата со +4 во однос на втората Струга ТЛ и ќе останат тие +6 во однос на Шкендија. Јасно е дека сеуште е рано за математики и калкулации, но исто така јасно е дека овој меч и тоа како е важен за вардарци.
Исто и во Кратово, домашниот Силекс е во улога на голем фаворит. Четата на стратегот Александар Васоски треба да се покаже со добра игра и секако со победа дека го заслужува тоа високо место на табелата. Тешки се овие први мечеви за играње, но повеќе од јасно е дека Башкими, барем според случувањата во оваа пауза не е оној тим од есенскиот дел.
Сепак, ова е фудбал. Изненадувањата се можни и тоа како.
ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Вардар – Арсими (13 Ч)
Силекс – Башкими (14 Ч)















