Екипата на Маџари оствари доста добри резултати во досегашниот дел од сезоната во „МТЕЛ“ Супер лигата. Но сега им се отвора нова прилика, да „напредува“ и во националниот Куп во кој во оној прв круг од натпреварите, четвртфиналето, за противник ја имаат екипата на Кожув.
Кои се очекувањата на Миодраг Тодоровиќ, првиот тренер на новакот во суперлигашката конкуренција:
„Маџари против секој противник сака да победи. Го респектираме секого, така и екипата на Кожув која има одлични и странски и домашни играчи. Ние сме дебитанти на ова Куп-натпреварување, но нашата амбиција ја знаеме. Купот носи изненадувања, се надевам дека тоа ќе бидеме ние и ќе го дадеме максимумот“.
Ивица Димчевски ќе го претставува искуството на екипата која за прв пат е во една ваква ситуација, да биде дел од завршниот турнир од Купот:
„Купот е специфично натпреварување каде не секогаш победуваат фаворити. Првпат сме на завршницата, ќе се бориме на натпреварите да оставиме добар впечаток и да победиме“.
Минатата сезона, екипата на Кожув на домашен терен, стигна до финалето во националниот Куп. Во оваа, прв противник на финалниот турнир во Куманово е екипата на Маџари, добро позната и за шефот на стручниот штаб на гевгелиските „црвено-белии“, Љупчо Малинков:
„Поздрав до сите и до градот Куманово како организатор на Купот. Сакам да ја поканам цела спортска јавност да присуствува во што поголем број. Во однос на мечот со Маџари, се работи за млад тим кој може да игра со секого и може да го добие секого. Со еден максимален пристап и залагање, мислам дека на крајот ќе извојуваме победа“.
Никола Бојчев ги повика сипматизерите на Кожув даа дојдат во поголем број во Куманово и да му дадат сериозна поддршка на тимот во обидот да се помине првата пречка на завршниот турнир: „Со Маџари очекувам триумф, поздрав до „Фантоми“, нашите навивачи, кои ги очекувам на трибините во поголем број“.










