АП Брера и во вториот дел од сезоната ќе им дава шанса на младите фудбалери, а ќе бидат предводени од младиот стратегг Мартин Алаѓозовски кој го препороди тимот откако го презеде кормилото.
Мисијата останува иста, да се обезбеди опстанокот во елитата, а од клучно значење за тоа ќе бидат дуелите со директните конкуренти. Еден од нив е денешниот ривал, Македонија ЃП, кој гостува во Струмица.
„Сѐ е речиси исто кај нас. Се подготвивме добро, младите фудбалери секогаш имаат мотив да се докажуваат, и искрено се надевам дека ќе биде на ниво и во пролетниот дел од сезоната. Си заминаа Наумчески и Нзенгуе, но имаме неколку нови имиња, а воглавно костурот на тимот е истиот од првиот дел од сезоната. На пролетната премиера нѐ очекува тежок натпревар, ни гостува Македонија ЃП, тим кој исто така се бори за опстанок во лигата. Ова се оние „дуели за шест бода“, ако победиш си се одлепил сериозно од конкурентот, но не смееш да загубиш. Посакуваме триумф, ќе излеземе да се надигруваме и се надеваме на успешен старт“, вели тренерот на АП Брера, Мартин Алаѓозовски.















