Ждрепка за Лигата на Нации: Македонија за првпат во Лига Б, сериозен тест на европскиот квалитет

142

Ждрепката за петтата сезона од Лигата на нации на УЕФА ќе се одржи вечерва во 18 часот во Брисел. Македонската фудбалска репрезентација за првпат ќе се натпреварува во Лига Б дивизија, а пред ждрепката е сосема јасно дека нашите ривали ќе ги очекуваме од четвртиот шешир.

Петтата сезона од Лигата на нации ќе започне кон крајот на септември оваа година, а сите учесници уште денеска ќе ги дознаат имињата на своите противници. Традиционално, вкупно 54 членки на УЕФА (без суспендираната Русија) се поделени во четири дивизии (лиги) врз основа на резултатите во претходното издание на престижното натпреварување. За првпат во нашата историја прогресиравме во Лига Б делот, што е втор по ранг во рамките на УЕФА натпреварувањето. Во трите најквалитетни дивизии (А, Б и Ц), 16 национални тимови се поделени во четири шешири, врз основа на конечниот пласман во претходното издание на Лигата на нации. Националните тимови ќе бидат случајно извлечени во четири групи од по четири селекции, така што секоја група ќе содржи по еден тим од секој од четирите шешири.

Групната фаза од Лигата на нации е закажана од 24 септември до 17 ноември оваа година. Секоја репрезентација ќе одигра шест натпревари во рамките на својата група за време на групната фаза, освен екипите во Лига Д кои ќе одиграат четири натпревари. Секоја селекција ќе одигра два натпревари против секој противник во групата – еден дома и еден на гости.

Најдобрите тимови во најсилната Лига А ќе се натпреваруваат за трофејот од Лигата на нации. По групната фаза од натпреварувањето во Дивизија А, двете најдобри селекции од секоја група ќе се пласираат во четвртфиналето.

Националните тимови што играат во лигите Б, Ц и Д нема да можат да се натпреваруваат за трофејот, но ќе се обидат да обезбедат промоција во лига со повисок квалитет и да го дочекаат следното издание во подобро друштво. Најдобрите национални тимови од секоја група во Лигите Б, Ц и Д ќе добијат директна промовија во повисока лига, додека последниот тим на табелата во групите во Лигите А и Б ќе испадне директно. Тимовите кои не заработиле директно промовирање во повисоко ниво или директно не испаднале од лигата ќе се натпреваруваат во плејофот за промоција или останување во лигата.

Во плејофот ќе се сретнат:

– третопласираните екипи во групите од Лига А против второпласираните екипи во групите од Лига Б;

– третопласираните екипи во групите од Лига Б против второпласираните екипи во групите од Лига Ц;

– најдобрите две од четирите четвртопласирани екипи во Лига Ц против второпласираните екипи во групите од Лига Д.

Сите натпревари од плејофот се играат како двомеч. Националните тимови од повисоките нивоа на натпреварувањето ќе бидат домаќини на реваншот.

Календар на Лигата на нации за сезоната 2026/27:

Прво коло: 24-26 септември

Второ коло: 27-29 септември

Трето коло: 30 септември – 3 октомври

Четврто коло: 4-6 октомври

Петто коло: 12-14 ноември

Шесто коло: 15-17 ноември

Плејоф А/Б/Ц:  25-30 март 2027 година.

Плејоф Ц/Д: 23-28 март 2028 година.

Четвртфинале : 25-30 март 2027 година.

Финален турнир: 9-13 јуни 2027 година.

ПретходноМуарем: Одиме во Битола да ги освоиме трите бода
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: Л.Н. ОСВОИ СУПЕР МИЛИОНЕР ВРЕДЕН 7.182.886 ДЕНАРИ