Втор триумф на футсал репрезентацијата на Македонија во дуелите против Австрија

71

Футсал репрезентацијата на Македонија забележа победа и во второто соочување со селекцијата на Австрија, овој пат избраниците на селекторот Газменд Хисејини славеа со 4:2.

Како и на вчерашниот меч, гостите повторно го постигнаа првиот погодок. Во третата минута Алек Флегел беше прецизен при изведувањето на слободен удар и постигна прекрасен гол за водство од 1:0.

Радоста на Австријците траеше многу кусо и веќе во шестата минута Јакуп Рамадани израмни на 1:1, а само две минути подоцна Игор Леовски и донесе водство на Македонија.

Во третата минута од второто полувреме Јакуп Рамадани повторно се запиша во листата на стрелци за предност од 3:1, а истиот играч во самата завршница го постигна и четвртиот гол за нашата репрезентација.

До крајот на натпреварот гостите успеаа да го намалат водството на Македонија и Флегел повторно го совлада нашиот голман и ги постави конечните 4:2.

Двомечот со Австрија беше последна проверка на формата на играчите кои се во конкуренција за место во националниот тим кој го очекува настап во квалификациите за Светското првенство.

Македонија е дел од Ц конкуренцијата во која настапуваат уште домаќинот на турнирот Литванија, Турција и Бугарија.

Мечевите се играат во периодот од шести до 15 април, а пласман во главната фаза од мундијалските квалификации обезбедуваат освојувачите на првите две места.

ПретходноЈокиќ со нов „трипл-дабл“ за продолжение на победничката низа
Следно„Шумарите“ го отпуштија Дајч, ќе бараат четврти менаџер оваа сезона