Кошаркарите на ТФТ во скопската пресметка во Куманово, во првиот четвртфинален меч во Купот на Македонија “Благоја Георгиевски – Буштур“ славеа против Феникс 2010 со 98:71, и со тоа се пласираа во полуфиналето.
Таму утре ги чека дуел со победникот од мечот Пелистер – Куманово, кој се игра во вечерниот термин од 19.30 часот во салата во Куманово.
На крајот големиот фаворит забелажа убедлива победа, но не беше баш така лесно во првата четвртина. Кошаркарите на Феникс 2010 имаа водство од 0:6, па и 3:12, па затоа тренерот Боро Смилковски мораше веднаш уште на стартот од овој меч да повика тајм-аут. Сепак работите не се променија така брзо, па Феникс 2010 ја доби првата четвртина со 19:22.
Сепак во продолжение од средбата ТФТ беше тој кој што се прашуваше, посебно ако се знае дека вториот период го доби со 27:12. Следуваше потоа само рутинско одработување на задачата без премногу да се потрошат физички играчите на ТФТ, кои заедно со МЗТ Скопје, се главни фаворити за годинашниот трофеј во Купот “Благоја Георгиевски – Буштур“.
Зафиров со 19 поени беше најдобар стрелец на мечот и кај победничкиот состав, додека кај Феникс 2010 најефикасен беше Стојановски со 16 поени.

















