Американската скијачка Линдзи Вон доживеа тежок пад во спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а според француските експерти, примарната цел сега е да се спаси ногата. Четириесет и едногодишната Вон доживеа комплексна фрактура на тибијата за време на последната трка во Кортина.
По падот, можеше да се чуе како вреска од болка, а потоа беше евакуирана од патеката прво на носилка, а потоа и со хеликоптер.
Специјалистот за колена од Лион, д-р Бертран Сонери-Кот, за RMC Sport изјави дека ваквите повреди се исклучително сериозни и дека во некои случаи можат да завршат со ампутација.
„Времето за закрепнување е непредвидливо. Ќе поминат месеци пред повторно да може нормално да оди. Нејзината прва цел сега е да ја задржи ногата и повторно да стои на неа. Враќањето на врвното скијање не е проблем во моментов. Некои повреди како оваа можат да завршат со ампутација“, предупреди францускиот доктор.
Тој додаде дека фотографиите објавени од Вон на Инстаграм покажуваат дека и покрај успешните операции, поставен е надворешен фиксатор, метална конструкција што ја стабилизира коската, што значи дека фрактурата сè уште не е целосно заздравена.
„Повредата е исклучително сериозна, ќе ѝ предизвикува проблеми со месеци, а можни се и доживотни последици“, рече Сонери-Коте, додавајќи дека ваквите повреди почесто се забележуваат во сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклистите.










