✍ Огнен Дојчиновски
Во „Женски Спортски Приказни“ не само што инспирираме, мотивираме и охрабруваме, имаме за цел да раскажуваме за спортистки кои испишале историја во македонскиот спорт, спортистки кои се уникатни во она што го оствариле. Бидејќи сме во период кога се одржуваат Зимските Олимписки Игри ќе ве навратиме многу години наназад. Зборуваме со дама која зад себе има два настапи на ЗОИ и тоа во далечната 1998 година и во 2002 година.
Олимпијадата е сон за секој спортистист. Нешто за што мечтае секој, кој што некогаш, барем еднаш во животот, слушнал авторитетно – почнува тренингот. Олимписките игри се врвот на спортските достигнувања.
И додека за некого медалите и светските рекорди се реалност, некому настапот на најголемиот спортски настан некогаш измислен е повод да се биде претставник на својата држава и простум да се стои пред државното знаме. За Јана Николовска, некогашната македонска скијачка репрезентативка, Олимписките игри во Нагано, Јапонија, во далечната 1998 година беа токму тоа. Остварување на сонот да се бранат националните бои и да се биде првата македонска алпска скијачка која што гордо настапила под знамето на Македонија. Во тие години аурата од поранешната држава и случувањата околу нас беа неизбежни, а македонското знаме драгоцена слика и момент кои ни ги топлеше срцата. Јана на ЗОИ во 1998 година го освои 33. место во слалом.

Иако Јана настапи на ЗОИ многу одамна, сепак без двоумење прифати да биде дел од уникатниот проект „Женски Спортски Приказни“. Некогашната олимпијка денеска живеее во Стразбур и по професија е адвокат.
Вели дека многу млада започнала со скијањето, а на прашањето дали помислила дека ќе настапи на нешто слично како Олимпијада ни даде интересни одговори.

„Почнав со скијање релативно мала, не се сеќавам точно колку години имав. Потекнувам од спортска фамилија, мојот татко играше ракомет, а мојот братучед беше тенисер. Беше многу логично за нас да се занимаваме со спорт. Имав другарки, посебно мојата соседка Тина, која тренираше скијање во клуб. Моите родители не запишаа со мојот брат во истиот ски-клуб каде што беше Тина и се почна така наивно. Много брзо се заинтересирав сериозно. И, да одговорам на вашето следно прашање, не, на почетокот не замислував дека ќе имам шанса да учествувам на Олимпијада. И петнаесетина години покасно, пак се враќам на Тина, после првата Олимпијада во Нагано, со Дејан Пановски, нејзин прв братучед, се најдовме на олимпијадата во Америка“.
Првото искуство беше на ЗОИ беше во 1998 година. Како е да се биде олимпијка во тие години?

„Да бидам искрена, моето прво олимписко искуство во Јапонија не се реализираше во најдобри услови. Во тој период, бев веќе една година замината да тренирам во Франција со Александар Стојановски, кој исто учествуваше на Олимписките игри во Јапонија. Бев многу млада и за жал многу неспортски фактори беа присутни во тој период кои што имаа негативно влијание. Дента пред самата трка во велеслалом, го дислоцирав рамото. Не бев во оптимални физички и психички услови за тоа натпреварување. Затоа велам дека има огромно значење во спортот да се биде опкружен со вистински луѓе. Но, не сакам да навлегувам во детали на оваа тема. Олимписките игри претставуваат прекрасен празник на спортот и имав огромна привилегија да учествувам два пати. Спортот е според мене вистинска школа на животот и моите деца ги едуцирам целосно во тој дух“.
‼️Кои се најубавите спомени од тие денови во Нагано и во Солт Лејк Сити (ЗОИ 2022)?
„Имам убави сеќавања од Нагано и од Солт Лејк Сити. Сигурно звучи клише, но Олимписките игри се неспоредливо и исклучително искуство, шанса да се биде дел од светската спортска елита, да запознаеш и да гледаш натпреварувања во различни спортови и дисциплини, да размениш искуства со многу спортисти од други земји“.
‼️Дали велеслалом беше ваша дисциплина од самиот старт?

„Велеслаломот беше мојата дисциплина во последните пет години. Тоа беше избор кој дојде сосема природно. Кога заминав да тренирам во Франција во 1997 година, се случуваше да тренирам и да се натпреварувам во брзите дисциплини, посебно во супер-Г, меѓутоа организацијата е многу комплицирана кога станува збор за брзите дисциплини, што се однесува на безбедност, особено кога се тренира во рамките на мала екипа и структура“.
‼️Кога престана Јана активно да се бави со скијање и со што прави денеска?
„Престанав со скијање заклучно со Олимписките игри во Солт Лејк Сити и повредата на коленото здобиена за време на престојот во САД. По враќањето во Франција, каде што веќе живеев неколку години, направив операција на лигаментите на коленото и се посветив на студиите во Стразбур. Денеска живеам во Стразбур со моите две деца и по професија сум адвокат“.

‼️Што би им препорачале на младите спортисти/скијачи кои сега започнуваат? Совет за Јана Атанасовска која што ќе учевствува на овогодинешните игри и е ваша наследничка.
„Мислам дека немам легитимитет да давам совети, уште помалку преку медиумите. Во спортот во Македонија, за жал има самоизгласани специјалисти и лично мислам дека е тотално контрапродуктивно да се слушаат тие личности. Би било убаво младите да ги следат своите соништа, во она во што веруваат, без да си поставаат граници, опкружувајќи се со вистински луѓе и спортски вредности. Не ја познавам Јана, претпоставувам дека патува во Италија со својот тим во кој има целосна доверба и тоа е најважно. И посакувам се најдобро“.
***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***
Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ.





