Одличниот старт на пролетниот дел со победата над Струга ТЛ, донесе добра атмосфера во таборот на Шкендија пред продолжение на прволигашките натпревари. Веќе денеска тетовските „црвено-црни“ гостуваат во Кавадарци, на тимот на Тиквеш, кој беше убедлив на првиот меч од вториот дел од сезоната против последнопласираниот Шкупи. Шампионот се надева дека ќе дојде до нова победа, и ќе ја продолжи битката за одбрана на титулата во Првата македонска фудбалска лига. Своите очекувања од денешниот меч ги искажа дефанзивецот на Шкендија, Имран Фетаи.
„Остваривме важна победа над Струга ТЛ во првиот натпревар по зимската пауза, и тоа ја подигна нашата атмосфера. Но, сега одиме понатаму. Таа победа е веќе ставена во „архива“, и целосно сме фокусирани кон мечот со Тивкеш, каде што одново посакуваме три бода. Секако, одиме на победа. Играв во Тиквеш, и знам дека овој тим е многу мотивиран кога игра на свој терен. Но, сметам дека ако ние бидеме вистинските и се претставиме во добро светло, може да дојдеме до трите бода“, изјави Фетаи.
Натпреварот од 18.коло во ПМФЛ меѓу Тиквеш и Шкендија, се игра денеска од 13 часот во Кавадарци.















