Медицинскиот тим на ФФМ на престижен семинар во Минхен

46
ФОТО: FFM.MK

Претставници на медицинската и антидопинг комисија во рамки на Фудбалска федерација на Македонија учествуваше на 8-от семинар за професионален третман на спортисти, кој се одржа во Минхен, под покровителство на компанијата Arthrex.

Нашата делегација беше една од вкупно 20 делегации од Европа кои активно учествуваа на овој престижен настан.

Годинава, семинарот за првпат беше отворен и за држави кои не припаѓаат на германското говорно подрачје, што претставува дополнително признание за стручната работа и угледот на медицинските тимови на ФФМ.

Меѓу предавачите беа врвни имиња од областа на спортската медицина и рехабилитација, меѓу кои и Марк Жилет, главен медицински офицер на Premier League, Енда Кинг, раководител на одделот за развој и рехабилитација во болницата Aspetar во Доха, Катар, како и д-р Даниел Броман, шеф на спортската медицина во City Football Group.

Семинарот опфати современи методологии за третман на спортски повреди, најнови пристапи во спортската трауматологија, како и практични искуства поврзани со рехабилитација, превенција и нутритивна поддршка на професионални спортисти.

На семинарот во Минхен наши претставници беа д-р Небојша Настов, д-р Александар Милевски, како и физиотерапевтите Бојан Цаневски и Срѓан Димитриевски.

Д-р Небојша Настов, прв доктор на А репрезентацијата на Македонија:

Станува збор за исклучително квалитетен и практично ориентиран семинар, каде што има можност директно да се разменат искуства со врвни експерти од европскиот и светскиот фудбал. За нас како медицински тим е од огромно значење постојано да ги следиме најновите трендови во спортската медицина, рехабилитацијата и превенцијата на повреди. Овие знаења директно ги применуваме во работата со нашите репрезентативци, со цел да обезбедиме највисоки стандарди на грижа и подготвеност.“

Учеството на Здравствената и антидопинг комисијата на ФФМ на ваков настан претставува значаен чекор во континуираното унапредување на медицинските стандарди во македонскиот фудбал и потврда за посветеноста кон обезбедување врвна грижа за репрезентативците и сите национални селекции.

ПретходноЛиндзи Вон пуштена од болница!
СледноПМФЛ: Вардар го “размонтира“ Работнички и покажа дека го интересира само титула! (ФОТО)