Силекс во првото коло од пролетниот дел во сезоната, не успеа да стартува со триумф. Одигра без голови со Башкими на свој терен, а сега му претстои тешко гостување во Струга кај еден од аспирантите за титулата сезонава, тимот на Струга ТЛ.
За кратовскиот тим ова е последна шанса да фати приклучок кон првите три места, со оглед дека заостанува цели девет бодови, и ова е шанса да се доближи до својот ривал. Силекс во Струга патува со големи амбиции дека може да дојде до бодовите.
„Одиме во Струга да се надигруваме, имаме добри играчи и мотивацијата е на високо ниво. Во првото коло не успеавме да запишеме триумф и покрај добрата игра. Бевме подобри од противникот, имавме доста шанси, но едноставно топката не сакаше во голот. Направивме и некои грешки кои ќе ги исправиме пред мечот со Струга ТЛ. Нема да не залаже фактот што противникот во првото коло загуби, затоа што мислам дека е една од подобрите тимови во Првата лига и ќе биде еден добар натпревар, вистинска битка за првите три места. Се надеваме дека ќе се вратиме со бодовите во Кратово“, рече Ѓорге Џеков, дефанзивецот на Силекс.















