По завршување на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, Кошаркарската федерација излезе со соопштение во кое му се заблагодарува на домаќинот Куманово за одличната организација, истовремено ги пофали граѓаните на градот домаќин и на „Кумани“ за одличната атмосфера, и воедно им честата на МЗТ Скопје за новиот пехар.
„Кошаркарската федерација на Македонија упатува искрена благодарност до кошаркарскиот клуб МКК Куманово, кој во периодот од 13. до 15. февруари во Куманово беше домаќин и организатор на завршниот турнир од Купот на Македонија во машка конкуренција, за беспрекорната организација на овој значаен национален настан.
Со својата посветеност, професионалност и одговорен пристап, клубот домаќин овозможи натпреварите да се реализираат на високо организациско и спортско ниво, во атмосфера достојна за едно вакво престижно натпреварување.
Посебна благодарност упатуваме и до граѓаните на Куманово, како и до навивачката група „Кумани“, кои со своето достоинствено, културно и спортско навивање дадоа значајна поддршка на својот клуб и придонесоа целокупната манифестација да помине во најдобар ред, во духот на фер-плејот и спортските вредности.
Воедно, Кошаркарската федерација на Македонија упатува честитки до екипата на МЗТ Скопје Аеродром за освоениот трофеј во Купот на Македонија, како и до екипата на МКК Куманово за освоеното второ место и прикажаните квалитетни настапи.
По подолг временски период, Купот на Македонија повторно беше организиран на високо спортско и организациско ниво, што претставува значаен чекор напред во заедничките напори за унапредување и афирмација на македонската кошарка.
Кошаркарската федерација на Македонија останува посветена на понатамошен развој на домашните натпреварувања и создавање услови за организација на настани достојни на угледот на македонската кошарка“, велат од КФСМ.










