Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на Европското првенство до 16 години – Б Дивизија, кое за првпат ќе се одржи во два градови. Раководството на нашата „куќа на кошарка“ одлучи покрај Скопје, дел од шампионатот да се одржи во Гевгелија.
„Кошаркарската федерација на Македонија со особена чест и задоволство ја информира јавноста дека на нашата држава ѝ е доверена организацијата на Европското првенство за играчи до 16 години – Б дивизија, кое ќе се одржи во периодот од 5. до 16. август.
Овој значаен спортски настан претставува уште една потврда за довербата која европската кошаркарска куќа ја има во капацитетите и организациските способности на нашата Федерација, но и признание за посветеноста и континуираната работа во развојот на кошарката во Македонија.
Во насока на дополнителна промоција на кошарката и нејзино доближување до што поголем број љубители на спортот, Кошаркарската федерација донесе одлука ова првенство, за првпат, да се реализира во два града – Скопје и Гевгелија.
Досега, вакви и слични меѓународни настани традиционално се организираа во главниот град, но нашата цел е да ја прошириме кошаркарската енергија и во другите средини, истовремено овозможувајќи им на повеќе граѓани да бидат дел од едно големо европско спортско доживување.
Изборот на Гевгелија претставува можност овој град да се претстави во вистинско светло – како одличен домаќин, со својата спортска инфраструктура, гостопримство и организациски потенцијал.
Убедени сме дека, заедно со Скопје, Гевгелија ќе придонесе за успешно и достоинствено организирање на шампионатот на највисоко европско ниво.
Ова Европско првенство ќе биде можност младите кошаркарски надежи од повеќе европски земји да ги покажат своите таленти токму во Македонија, но и можност нашата држава уште еднаш да ја потврди својата посветеност кон развојот на младинскиот спорт.
Кошаркарската федерација на Македонија, во соработка со локалните институции и партнери, ќе вложи максимални напори за организација на првенство кое ќе биде пример за професионалност, спортски дух и гостопримство, на гордост на македонската кошарка и на целата држава.
Добредојдовте во Македонија – домот на идните европски кошаркарски ѕвезди“, порачаа од КФСМ.










