Откако пред три дена ја демолира Дукла во првиот меч од ЕХФ Европскиот Куп, ГРК Охрид вечерва на свој терен во рамките на 21.коло во Суперлигата славеше и против составот на Бутел и тоа со 33:28.
Јасно беше дека ракометарите на стратегот Ројевиќ ја немаа таа мотовираност како во саботата, но сепак се чини одиграа колку што требаше, иако и гостите и тоа како пружија силен отпор. Посебно во првите десет минути кога имаа и изненадувачко водство од 2:4,4:5, 5:6, Сепак во продолжение од средбата, големиот фаворит заигра како што треба, одбраната беше на ниво, нападот исто така и дојде не само до пресврт туку и до билдање на разликата која на полувреме изнесуваше +6 или 17:11.
Во второто полувреме, барем во првата фаза домашните ја контролираа играта, секако и резултатот. Во последната фаза кога победата веќе беше обезбедена, ГРК Охрид се опушти а тоа го искористија ракометарите на Бутел кои не само што го добија резултатски ова полувреме (16:17), туку на крајот и го ублажија поразот.
Ова беше 17 победа за охриѓани. Ќосевски и Ристевски постигнаа по седум голови, голманот Блажески запиша 12 одбрани.
Кај гостите најефикасен беше Дејан Михајловиќ со осум голови од исто толку обиди.










