Долги години беше дел од Шкендија, беше во неколку наврати и стрелец на сезона во ПМФЛ, со тетовци и со Струга ТЛ беше на чекор до пласман во групна фаза, ама на залезот на својата кариера Бесарт Ибраими (39) конечно го оствари својот сон, но и сонот на сите во Шкендија. Најдобриот голгетер во историјата во ПМФЛ, се впиша во историјата на Шкендија како и на мак – фудбалот со пласман во нокаут – фазата во плеј – офот во ЛК и тој ќе биде предводникот на првиот наш тим кој некогаш играл напролет во Европа.
Како и секогаш и сега Бесарт е оптимист. Ние сите знаеме дека Самсунспор е силен тим, но тоа е уште една шанса за докажување на тимот од Тетово.
За тоа што може да се очекува од Шкендија вечерва, Ибраими има свој коментар:
“Ние си го остваривме својот сон. Не само што игравме во групна или лигашка фаза во едно европско натпреварување, туку се пласиравме и за настап во пролетниот дел. Сите во клубот, а посебно играчите сме горди на овој успех“ рече искусниот напаѓач на нашиот шампион.
Тој вели дека и на овој меч против така силен тим Шкендија ќе оди на победа:
Јасно е дека атмосферата во тимот е добра во пресрет на вечерашниот дуел со Самсунспор, нема причина да биде поинаку. Ние одиме на победа вечерва, како и на реваншот во Турција. Секоја чест за противникот, Самсунспор е одличен тим, знаеме дека е фаворит. Од друга страна Шкендија со своите игри и резултати досега во Европа покажа дека може да се носи со секого. Ја очекувам и поддршката од нашите фанови како и досега, со нив ние сме уште посилни“ заврши Ибраими.
Првиот меч од нокаут – фазата во плеј – офот во ЛК меѓу Шкендија и Самсунспор се игра вечерва од 21 часот на Арената во Скопје, реваншот е за седум дена во Самсун.










