Шкендија го игра 68. европски меч, Самсунспор само деветтиот! 6,8 милиони евра VS 56,7 милиони евра!

94
ФОТО: KF Skendia/FB

Звучи неверојатно, ама така е. Имено Шкендија е со далеку поголемо европско искуство од Самсунспор, и тоа многу, многу поголемо. Вечерва тетовци ќе го одиграат својот 68-ми европски меч, а Самсунспор само деветтиот. Тука не ги сметаме настапите во некогашното Интер – тото Купот ако се знае дека ова натпреварување не носеше европски бодови и рејтинг – поени.

На тие досегашни 67 мечеви во Европа, Шкендија има 24 победи, 12 ремија и 21 пораз. Турскиот клуб има три победи, две ремија и три порази на осумте досегашни европски натпревари.

Оваа европска сезона, од јули па наваму нашиот шампион одиграл вкупно 14 средби и забележал 6 победи, две ремија и 6 порази. Турците пак, кои се пласираа директно во лигашката фаза во Лигата на Конференции, одиграле шест меча и имаат три победи (Легија 1:0, Динамо Киев 3:0, Хамрун 3:0), едно реми (Бреидаблик 2:2) и два порази (АЕК 1:2 и Мајнц 0:2).

Кога сме кај вредноста на клубовите според Трансфермакт, тука нема дилеми дека Самсунспор вреди многу повеќе и тоа речиси осум пати. Имено целиот тим,сиот играчки кадар на Шкендија вреди 6,8 милиони евра а оној на Самсунспор 56,7 милиони евра.

Па така јасно е кој е фаворит на овој двомеч, но ова е фудбал, ова е европско натпреварување. Да, Самсунспор е во предност, овој клуб е фаворит. Од друга страна играчите на Шкендија нема веќе што да загубат. Тие испишаа неверојатна историја и на овие два меча, посебно вечерва ќе уживаат на теренот, но и ќе имаат посебни мотиви со цел да се изненади големиот фаворит.

Само да се потсетиме. Ова е двомеч од нокаут – фазата во плеј – офот во Лигата на Конференции. Првиот меч се игра вечерва од 21 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, а реваншот следниот четврток во Турција.

ПретходноНешто не е во ред: Трент Александер-Арнолд веќе е разочаран?
СледноПовеќе нема назад: Грчкиот ѕвер го изговори на глас она што се „шушкаше“ со месеци!