Пелистер не успеа по вторпат на домашен терен да го совлада составот на Висла Плоцк. Актуелниот македонски првак играше променливо, нешто што на крајот го чинеше деветти пораз во групната фаза во Лигата на шампиони, каде има и две победи.
Видовме на дело дека битолчани имаат капацитет да се вратат од негатива, но недостасуваше дисциплина за комплетна промена на текот на мечот.
Ако го бараме најдоброто од оваа средба, дефинитивно тоа се браќата Петар и Павле Атанасијевиќ. Токму благодарение овој братски тандем, Пелистер на средината на второто полувреме го започна својот втор кам-бек на натпреварот.
Фуриозно издние и серија на голови, од 14-20 на 19-20, во која браќата искомбинираа три гола, покажаа боребеност во одбраната и дрскост во нападот.
И не се само бројките, туку нивниот начин на пристап, ја внесоа потребната свежина, кога сите мислеа дека мечот веќе е решен, ја разбудија публика, ги разбудија и своите поискусни соиграчи. И двајцата летаа на теренот, испратија порака дека во иднина Пелистер треба да се потпре на нив, особено кога поисусните имиња во составот се гушат и го не можат да го дадат потребниот импулс.
Петар мечот го заврши со четири гола од исто толку обиди, додека Павле имаше два гола од исто толку обиди.
Следен противник на Пелистер во Лигата на шампиони е ГОГ, дуел кој го играат на гостински терен.










