Ракометниот клуб Вардар ја потврди официјалната соработка со српскиот ракометар Вукашин Воркапиќ кој ќе ја засили позицијата десно крило. Тој се обврза на клупска верност до крајот на натпреварувачката 2027/2028 сезона.
Воркапиќ (28), роден во Белград, е искусно десно крило и член на српската репрезентација, со богата кариера во европски ракомет. Пред доаѓањето во Вардар, тој играше за Војводина, каде беше еден од клучните ракометари, настапувајќи во домашниот шампионат, Куп натпреварите и во ЕХФ Лигата на Европа.
Во својата кариера, Воркапиќ го носеше и дресот на Металопластика од Шабац како и во францускиот тим Иври, стекнувајќи значително искуство на високо ниво.
Тој е и репрезентативец на Србија со настапи на Светски првенства, каде што со националниот тим ја претставуваше земјата на највисоко ниво на меѓународна сцена. Беше дел и од последното ЕП во Данска каде постигна 6 гола од 7 упатени шута.
„Воркапиќ е сега официјално регистриран и може да настапува за РК Вардар , и со нетрпение го очекуваме неговиот придонес во продолжението од сезоната и во европските предизвици“, порачаа од РК Вардар 1961.










