Расизмот е популарна тема низ цела Европа, посебно сега откако се случи оној инцидент во Лисабон за време на мечот од Лигата на Шампионите меѓу Бенфика и Реал Мадрид.
Иако не сакаше директно да говори за тој меч, сепак Пеп Гвардиола имаше свој коментар за расизмот во денешено време. Менаџерот на Манчестер Сити се допре до многу подлабока тема, која се однесува на приоритетите во современото општество.
Но расизмот беше вовед…
„Реков пред една недела, бојата на кожата сама по себе не ве прави подобар или полош. Во таа смисла, има многу работа пред нас. Не само во фудбалот, туку во целото општество. Расизмот е насекаде. Расизам е кога се однесувате и се преправате дека сте подобри од некого“, започна необичната презентација на Гвардиола пред дербито помеѓу Сити и Њукасл.
И тука доаѓаме до најинтересниот дел, затоа што Пеп имаше интересен одговор на прашањето како да се бориме против расизмот.
„Како да се реши проблемот? На училиштата. Платете ги наставниците. Не оние во фудбалот. Наставниците и лекарите мора да бидат најважните луѓе во општеството. Не тренерите“, искрено го кажа Гвардиола она што 99 проценти од човештвото веројатно би го потпишале.










