Соништата немаат граници: Неверојатниот пат на Нада Рочевска – Македонката која го освои светот на олимпизмот и многу повисоки врвови

114
Фото: Фотографиите се приватна архива на Нада Рочевска

Марија Ковачева

Од Скопје до Келн, до Олимписките Игри во Рио, Токио и Париз и многу големи натпреварувања во светски рамки. Оваа реченица не може да ја опише следната гостинка во „Женски Спортски Приказни“, но ветува едно патување кое ќе ве остави без зборови.

Македонија има уникатна дама која во спортот е присутна и делува на еден поинаков начин. Нада Рочевска е пример како големите соништа можат да станат реалност, доколку цврсто чекориме на патот кон целта.

Со упрност, труд, дисциплина и истрајност, и највисоките светски врвови се достижни.

Нада е меѓународен експерт за волонтерски менаџмент во спортот и лидер во организација на големи спортски настани. Таа е основач на NR Sports Volunteer Solution, консуланска компанија со седиште во Келн. Специјалноста е развој и управување со волонтерски програми за спортски настани. Покрај ова, Рочевска е претседател на Асоцијација за спорт и волонтерство во Македонија.

Таа е магистер по спортски менаџмент со специјализација во волонтерски менаџмент на мега-спортски настани и моментално е во завршна фаза на магистерски студии по Олимписки студии на Германскиот спортски универзитет во Келн, со истражувачки фокус на олимпиското волонтерство. Завршувањето на специјализацијата во меѓувреме го пролонгира поради здравствени причини.

Нејзината приказна е вистинска инспирација. Нада реши својот пат да го гради надвор од Македонија. Европа и ги отвори вратите, Келн е градот каде се пронајде себе си, градот кој и го даде потребниот импулс за да се изгради во она што е денеска – успешна Македонка во светски рамки.

🎯Нада од Скопје се пресели во Келн, стигна до Олимписките Игри во Рио 2016, Токио 2020 и Париз 2024 година. Што беше клучно да заминеш од Македонија, како се реши да направиш ваков голем чекор?

„Одлуката да се замине од сопствената земја никогаш не е лесна. Но, кога имате јасна цел која чекате да ја постигнете, план, желба за напредок, за што повеќе знаење и искуство, за проширување на сопствените хоризонти, тоа ме натера да размислувам поинаку и конечно да ја реализирам одлуката.

Соработката со фудбалскиот клуб Леверкусен во делот на развој на волонтерска програма, која започна на волонтерска основа, а прерасна во професионална соработка, како и можностите кои германското општество ги нуди за личен и професионален развој во спортската кариера, многу допринесоа полесно да ја донесам таа одлука. Истовремено бев свесна дека ми е потребно оперативно искуство и нетворк кој ќе ми помогне да го започнам патот во тогаш за мене новата кариера, спортот. Така почнаа и моите патувања низ светот. Пред да заминам во Келн, големо искуство стекнав во РК Вардар, шест месеци бев на пракса, им благодарам за укажаната шанса, која за мене беше голем исчекор. 

Започнав како волонтер на Младинските олимписки зимски игри Лилехамер 2016 во Норвешка, каде бев одговорна за комуникацијата помеѓу Меѓународната ски федерација и Локалниот организационен комитет, предводен од Норвешкиот олимписки комитет, во делот на нордиско трчање и скијачки скокови. Тоа беше мојата прва волонтерска „станица“ и моето прво волонтерско искуство, и директен glimpse (поглед) во светот на Олимписките игри, организација, работа под притисок, брзо решавање на дневни проблеми и носење одлуки за кои немате многу време за размислување.

Иако условите беа навистина сурови и работев по цел ден на скијачките терени на буквално -20 степени, тоа искуство, тие контакти, енергијата која секогаш е толку посебна на Олимписките игри, заедништвото, колегијалноста и еден сет на посебни вредности, придонесоа да останам во Олимпизмот и понатаму, и подоцна да ми стане и академско поле на научно истражување.

По Лилехамер следуваа Олимписките игри во Рио 2016, за кое искуство мислам дека еден ден и книга ќе напишам. Но, ако мојот интерес започна во Лилехамер, во Рио се потврди и докажа. Имав многу интересна, многу захтевна и најодговорна волонтерска позиција на едни Олимписки игри, а тоа беше Национален олимписки асистент или, во превод, десна рака на шеф на мисија на еден национален олимписки комитет.

Често денес се шегувам дека оваа позиција е еднаква како да завршив докторски студии, и по значење и по искуство и по знаење добиено, и по работни обврски дневни. Се работи по 15 саати дневно, но тоа што таму ќе го добиете и сведочите не се споредува со ништо друго. Неблагодарно е да споредувам и не сакам со други Олимписки игри, бидејќи секои се различни од секој аспект, културолошки, историски, временски, со свои убавини, но сепак Рио засекогаш останува на посебно место во моето срце.

На тие Игри, како резултат на остварените резултати во работата, ми беше укажана и најголемата чест во мојот живот до сега, и професионално и приватно, а тоа беше кога од мојата претпоставена бев назначена за знаменосец на сопствената земја на затворањето на Олимписките игри на стадионот Маракана. Нема збор кој може тоа чувство и таа радост да ја опише.

Од тука па натаму, сите искуства на Олимписки игри беа работни. Младински зимски олимписки игри Лозана 2020, потоа дел од локалниот организационен комитет на Токио 2020 како надворешен експерт за развој на меѓународна волонтерска програма за интернационални волонтери, потоа Париз 2024 и понатаму.

И сето ова доби поинаков тек и значење во мојата кариера кога во 2017 година бев поканета од проф. Штефан Васонг од Германскиот спортски универзитет Келн, кој е воедно член на комисијата за едукација при Меѓународниот олимписки комитет и директор на Германскиот олимписки едукативен центар, да бидам дел од меѓународната мастер програма Олимписка едукација, каде истражував на тема Олимписко волонтерство, кое понатаму стана и моја субспецијализација. А истовремено во Скопје ја завршив и специјализацијата во спортски менаџмент на ФФК“.

 

🎯Ти си некогашна кошаркарка, па љубовта кон спортот сигурно е токму од деновите кога играше активно. Но, како се роди љубовта кон волонтерството и кон олимпизмот?

„Да, кошарката беше и секогаш ќе биде мојата најголема љубов, една и единствена! Редот, дисциплината, носењето брзи одлуки под притисок, менталната јачина и можноста за фокус и кога тоа изгледа невозможно, како и тимскиот дух, се само едни од многуте вредности и бенефити на кои ме научи спортот и вештини кои ден-денес секојдневно ги користам во својата работа. Посебно кога работам на спортски големи или мега настани, каде притисокот е огромен во секој момент.

Секако, сите години додека работев во мојата прва и голема љубов, правото, таа енергија посебна, магнетна, која спортот ја носи, и штом еднаш ја почувствувате, останува засекогаш во вас, бескрајно ми недостасуваше. Мислам дека потсвесно си барав начин повторно да ја почувствувам таа среќа, таа радост.

За жал, со играње морав да престанам во раните 20-ти, бидејќи се соочував со повреда по повреда, секоја посериозна од претходната, и веќе играњето на тоа професионално ниво во национални рамки стана невозможно. Но љубовта и желбата никогаш не ме напуштија.

Па така, кога размислував за преселување и промена на кариера, спортот некако природно се наметна. А откако сосема случајно се запознав со спортскиот менаџмент и целосно ме обзема, веќе беше јасно каде иднината ќе ме води. Повторна средба со кошарката, сега од оваа страна на менаџментот, после многу години за прв пат имав кога работев на ЕУРОБАСКЕТ 2022 кој се одржуваше во Германија.

Иако работев во ВИП делот со познати НБА ѕвезди како Дирк Новицки, Тони Паркер и други, за мене посебен беше моментот кога после многу години повторно влегов во сала на кошаркарско игралиште и го почувствував мирисот на паркетот и баскетот. Се сеќавам дека толку ме обземаа емоции, и толку ми значеше, што солзи ми потекоа додека чекорев по теренот. Посебна е таа емоција и љубов за мене кон кошарката“. 

🎯Од спортски волонтер до создавање на германска консултанска компанија „NR Sports Volunteering Solutions“ која нуди професионален пристап на управување со спортското волонтирање. Зошто одлучи да основаш своја агенција, колку е тешко истата да се создаде во Келн?

„Ништо не е тешко ако имате јасна цел, желба, ако сте решени целосно да се посветите и спремни сте да работите многу. Многу, бидејќи само со многу труд и работа може да постигнете резултати во Европа и светот, и тоа е единствениот начин како може да создадете одржливи резултати.

Кога отварате фирма во Германија, независно од големината и потребниот финансиски влог, вие аплицирате и доставувате потребни документи. На некој начин треба да ја убедите државата за потребата од тоа што го работите. Крајната одлука е на државата, која ќе одлучи дали ќе ви дозволи да ја отворите фирмата.

Секако, доколку ви дозволи, позитивното е што државата стои позади фирмата со целиот свој кредибилитет и механизми кои ве штитат од банкрот, и тоа може да се случи само доколку сите механизми и алатки се исцрпени. Така што државата го има својот прв и последен збор.

За мене лично беше најважен кредибилитетот и еднаквата можност на сите субјекти подеднакво да растат на маркетот. Желбата за свој консалтинг датира од поодамна и некако знаев дека откако ќе се здобијам со потребното академско знаење и искуство, следно ќе биде да работам за себе.

Така и се случи. Во 2020 година, кога започна ковидот, тој период на стишување и целосна блокада на спортската индустрија, решив да го искористам да го создадам и да му се посветам на консалтингот. Тоа е резултат на потребата на маркетот и моето препознавање на gap-от помеѓу резултатите од научни истражувања и оперативната страна на волонтерската индустрија во спортот.

Увидов дека имаме одлични истражувачи, колеги и резултати кои можат многу да ни го подобрат создавањето и менаџирањето на волонтерските системи, но таа конекција помеѓу нив не постоеше. И така, по претходна консултација со мојот ментор и неколку колеги, решив да тргнам во остварување на својот сон.

Ќе излажам ако кажам дека почетокот беше лесен. А и не треба да биде. Секој почеток е со причина тежок. Тоа е периодот во кој се тестирате себе си, вашите способности, желбата да истраете и да ги надминете препреките, период во кој го истражувате уште подлабоко маркетот, развивате стратегии и работите 24/7 за потоа да почнете да ги собирате плодовите од вашата работа.

Првите години се години на истрајност, посветеност, брутална дисциплина и план. И ако ги издржите тие тестови, тогаш ќе преживеете. Јас тргнав со идеја во глава, со сон, со огромна желба да помогнам во својата индустрија и да им помогнам на своите клиенти да создадат што подобра волонтерска стратегија, врз чија основа ќе функционира една волонтерска програма и еден систем кој ќе носи вредности и резултати.

Денес сум навистина горда како полека и сигурно NR SVS станува еден од синонимите на европското тло кога зборуваме за волонтерство во спортот. Дел е од меѓународни проекти во кои ја претставува Германија и нејзината волонтерска култура, додека истовремено работиме и во меѓународни рамки, како на азискиот континент каде сум гостин-предавач на универзитети во Индонезија, Индија, Тајланд, Јапонија, но и во оперативниот дел во создавање волонтерски системи.

И некако лично, отсекогаш повеќе вредност сум гледала и чувствувам поголема среќа кога наши клиенти се организациони комитети, федерации, клубови во земји кои имаат малку развиена волонтерска култура или пак таа воопшто не постои. Предизвикот е многу поголем, со тоа и одговорноста, обврските и препреките, но и резултатите кои ги постигнуваме многу посилно одекнуваат во тие општества“. 

🎯Додека ја градеше својата кариера во светот на волонтерството, истовремено се образуваше во повеќе сегменти, магистерски студии за олимпизам и истовремено магистер по спортски менаџмент. Како успеваше со сите останати обврски да го реализираш сето ова?

„Со добар план на приоритети и жонглирање помеѓу обврските. 🙂 Искрено, не беше лесно. Еден период животот ми се сведуваше помеѓу испити од еден до друг мастер, од библиотека до предавања. Но толку многу уживав во целиот процес што повторно би го направила истото. Впивав секоја можност да одам напред, да дознаам нешто повеќе, да научам нешто плус.

На Германскиот спортски универзитет Келн ја имаме најголемата библиотека за спортска наука во светот, факт на кој сме навистина горди. И кога го имате тој свет на знаење пред себе, може да замислите каде ги поминував деновите. Беше напорно, реално исцрпувачки, но истовремено бев пресреќна и благодарна што имам таква можност.

Токму таа достапност ми овозможи и магистерската во Скопје да ја подготвам на начин и квалитет каков што јас очекувам од себе.

И да, ниеден успех не е можен доколку немате свој систем на поддршка. Луѓе кои ќе бидат до вас и ќе ве потсетуваат колку вредите и колку можете, дури и во моменти кога вие самите ќе ја изгубите вербата. За успех потребна е и околина со која ќе можете да се мерите, да знаете каде сте, и околина која ќе го поддржува вашиот успех.

Јас го изградив тоа и го имав. И во таква околина, со мојот систем на поддршка, беше едноставно невозможно да не успеам да постигнам сѐ што си зацртав“.

🎯Едно од поголемите искуства е Супер Купот 2017 во Скопје меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Што се случуваше зад сцената? Ти ја имаше улогата на менаџер на волонтери.

„Ова работно искуство е и моето прво професионално искуство во менаџмент на волонтери. На Супер Купот работев како заменик менаџер на волонтери заедно со колегата Бојан од ФФМ, кој беше главен менаџер, и со кого изградивме убави спомени и одлична професионална релација.

УЕФА е организација која многу сериозно го сфаќа менаџментот на волонтери и за таа цел има цел свој оддел кој работи исклучиво на тоа поле. Јас тогаш бев почетник и можноста секојдневно да учам од навистина едни од најдобрите во мојата област беше огромна чест, задоволство и привилегија.

Подготовките беа сериозни, со технички и ориентациски тренинзи, јасни правила на однесување, јасно дефинирани улоги. Имавме прекрасна соработка со волонтерите. Секој од нив покажа висока професионалност и одговорност.

Самото финале помина во одличен ред. Не би издвојувала драматични ситуации, бидејќи токму тоа што немаше кризни моменти е доказ за добрата организација.

Но момент кој никогаш нема да го заборавам е традиционалната забава за волонтерите по натпреварот. Доаѓаа сите до еден. Сите. И се сеќавам кога едно од одговорните лица од УЕФА ми кажа дека никогаш претходно не им се случило во ниту една земја сите волонтери да дојдат и да бидат толку среќни.

Тоа беше потврда дека сме направиле нешто правилно. За мене тоа беше почеток на мојата професионална кариера и сѐ уште еден од најдрагите проекти“.

🎯Како изгледаше твоето прво искуство на Олимписките Игри во Рио 2016? Како една Македонка се најде таму?

„Шанса не добивате во животот. Шансите сами ги создавате. Животот многупати ми го докажа тоа. По Лилехамер, каде сама аплицирав и бев примена, веќе бев „навлечена“ на таа олимписка енергија. Тоа е неопислива магија. Логично беше да аплицирам и за Рио 2016.

Бев поканета на интервју и потоа известена дека сум примена. Почнаа сериозни подготовки со огромен материјал за учење. Позицијата Национален олимписки асистент функционира според строги регулативи пропишани од Меѓународниот олимписки комитет во обемна книга која мора да ја знаете од прва до последна буква.

Вие сте тие кои решаваат проблеми поврзани со сместување, транспорт, исхрана, опрема, тренинзи, повреди, гости, семејства на олимпијци, специјални потреби. Работите под водство на шефот на мисија и под строги протоколи.

Тоа е највисоката волонтерска позиција на Олимписки игри. Секој национален олимписки асистент поминува детални безбедносни проверки од меѓународни служби како ФБИ, Мосад и други. Дури по „зелено светло“ сте официјално примени.

Многу сум горда што низ својата работа ја претставувам Македонија буквално на другата страна од светот“.

🎯Кој е најголемиот предизвик со кој се соочи како волонтер?

„Имало многу. Но секогаш пристапувам со фер однос, етичност, транспарентност и максимална професионалност. Едно од најтешките искуства беше во Рио, кога по 15-часовна работа и физичка исцрпеност доживеав навреди и директни закани по мојата кариера од страна на шеф на мисија. Тоа не е дозволено и е недостоинствено однесување. Но, во такви моменти се покажува спремноста на менаџерскиот тим на волонтери. Во мојот случај тие беа на висина на задачата.

Таквите искуства стануваат небитни кога знаете дека не се поврзани со вашиот перформанс. Од нив се учи. Токму тие моменти беа дел од одлуката академски да се насочам кон менаџмент на волонтери и подоцна, како менаџер, секогаш да се борам моите волонтери да бидат заштитени и почитувани.

Волонтерите го даваат најскапото нешто – своето слободно време и своите вештини. Ако тоа не го вреднувате, не само што тие нема да се вратат, туку губите можност да создадете општествено наследство“. 

🎯Колку во Македонија е развиена волонтерската култура?

„Македонија историски има традиција на доброволни акции, но не во современа форма на волонтерска култура како систем. Не можам да кажам дека зборуваме за развиена култура на волонтерство. Причините се економски, историски и културолошки. Но тоа е минатото. Иднината ја бираме ние.

Во спортот има најмногу развој, особено преку поголемите настани. Полека и сигурно работите се менуваат. Но за секој систем потребни се време, стратегија и едукација“.

🎯Кои се твоите идни планови? На што си посветена во овој период?

„Ух, многу планови, многу реализации, многу идеи и воопшто слободно време. Но ако би било поинаку, не би била јас. Јас не знам да функционирам со една обврска или една цел. Секогаш најдобро функционирам под притисок и најпријатно се чувствувам кога во работата имам притисок. Некако сум комотна во тој некомотен момент.

Кога се иселив од Македонија си ветив на себе дека ќе се едуцирам по светот, ќе стекнувам искуства, ќе градам свој нетворк на контакти и еден ден ќе ги донесам назад во Македонија. Кога велам назад, не мислам дека ќе се вратам физички. Јас сум научена да функционирам во глобални рамки, во различни култури, во захтевни меѓународни системи, во тимови кои создаваат промени и носат резултати. Враќањето назад би значело лимитирање на сопствениот потенцијал. Но тоа не значи дека на својата земја не можам да ѝ помогнам. Напротив, има многу начини.

Со таа цел, во 2024 година ја создадов невладината организација Асоцијација за спорт и волонтерство со седиште во Скопје, која функционира со интернационални и домашни партнери. Работиме во областа на спортот и волонтерството. Го користиме спортот како поле за општествен развој, а волонтерството како алатка за постигнување на таа цел.

Тоа е поинаков пристап на искористување на капацитетите на спортот и волонтерството и вредностите во кои тие се преклопуваат. Во ноември минатата година организиравме прва конференција на Балканот во пресрет на Интернационалната волонтерска година 2026 на Обединетите Нации. Имавме гости од Европа како учесници и панелисти, а партнери ни беа нашите соработници од Брисел, Центарот за европско волонтерство.

Нашата идеја беше да ја поставиме Македонија како лулка и почетна точка од каде ќе се развива волонтерството во Западен Балкан. Продолжуваме со нови проекти и можности и можам да кажам дека тука е голем дел од мојата енергија и фокус.

Истовремено со NR Sports Volunteering Solutions имаме активни проекти низ Европа, работиме на два спортски настани летово, а паралелно ги имам и моите предавања како гостин-предавач на азискиот континент.

Друг дел од мојата енергија е насочен кон истражувања, академија и консалтинг, како и експертски ангажман за Европската Унија во креирање политики за развој на волонтерството на ниво на ЕУ. Работиме и на признавање на менаџер на волонтери во спортот како официјална професија во Европа и на ревизија на крајните резултати од одредени европски проекти.

Денес успеав да ги сублимирам сите свои искуства и знаење од правото, спортот и волонтерството и најубаво се чувствувам кога сите три имаат свое место во моето портфолио и заедно создаваат вредности кои помагаат во развојот на општествата како плодна почва за новите генерации“.

🎯Што би им препорачала на младите дами кои сакаат да го чекорат својот пат?

„Најпрво да бидат јасни што сакаат од себе, од својот живот и од својот професионален пат. Да си постават јасна цел и реален план како да ја остварат. Доколку можат себе да се видат и да се замислат во таа улога, тогаш не постои ништо на овој свет што може да ги оттурне од тој пат. Да веруваат во себе и кога другите нема да веруваат во нив. Да веруваат во своите способности и во својата моќ.

Да чекорат низ животот храбро, затоа што среќата ги прати храбрите. Да бидат свесни дека патот нема да биде прав и дека ќе има многу моменти кога ќе се прашуваат дали се на вистинското место. Само треба да истраат. Секој труд, секоја капка пот се исплати и се враќа во животот. Потребни се трпение и многу работа. Светот сака и цени луѓе кои имаат што да понудат, кои знаат што сакаат и не се плашат да посегнат по своите соништа.

Соништата се остваруваат, и тоа многу реално. Јас денес го живеам својот сон и сум многу благодарна и на себе и на мојот систем на поддршка. Но тоа не доаѓа преку ноќ. Ништо не доаѓа преку ноќ. Доаѓа кога најмалку очекуваме. Најважно е, без оглед на околностите, од себе никогаш да не се откажат. За сè останато, животот сам ќе се погрижи. Тој е чудесен.

И на крај, им посакувам многу љубов, да даваат и да примаат. Нејзината моќ е огромна и таа нè држи да чекориме и кога ќе мислиме дека веќе немаме чекори.

И ако има некоја која оваа професија ја интересира или мојот пат ја инспирирал, слободно нека ме контактира. Тука сум да помогнам и да се поддржиме, во секое време“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: НЕПТУН и ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноВардар 1961 и официјално го потврди Вукашин Воркапиќ
СледноПрилепчанец е спремен да се самозапали ако Победа не игра во сабота!