Во Македонска Каменица стартува женскиот Куп на Македонија

35

Денеска стартува женскиот Куп на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, домаќин е Македонска Каменица. Во првото полуфинале на турнирот (15 часот, пренос МРТ) ќе се сретнат екипите на Баскет Кам и на МЗТ Бела вода. Додека пак втората полуфинална двојка ја сочинуваат Крива Паланка и Бадел 1862, дуелот стартува во 17:30 часот.

Капитенот на Баскет кам, Катерина Поп-Димитровска смета дека се фаворити на овој турнир.

„Честитам на сите присутни тимови тука. Посакувам добра игра. Се разбира, треба да покажеме фер плеј игра затоа сме сите дојдени. Можам со сигурност да кажам дека сме спремни и мотивирани, и како поискусни, со многу натпревари зад нас, купови, финалиња, полуфиналиња, верувам дека ќе ја оствариме нашата цел, овој пехар да остане тука. Но пред се, ќе уживаме овој викенд кој што следува а за сето она останато, нека победи најдобриот“.

Своите размислувања во пресрет на дуелот од полуфиналето со домаќинот, ги презентирааше Горан Крстевски, шеф на стручниот штаб на МЗТ Бела Вода:

„Кои се очекувањата, прво честитки до полуфиналистите, односно до екипите кои дојдоа до најдобрите четири во ова натпреварување. Ние сме најмладиот тим на турнирот во Македонска Каменица во кој очекувам полна сала, очекувам добра игра со фаворитот, и да одиграме на едно вистинско ниво.

Реков фаворит затоа што Македонска Каменица четири години владее со македонската кошарка, и во првенството и во Купот.

Но куп-натпреварите се токму затоа и интересни. Затоа што тука најчесто се случуваат изненадувања.

Фаворити има само на хартија, Имаме некои свои амбиции и замисли. Ќе пробаме да ги исполниме на теренот. Девојките се млади, но амбициозни. Во исто време, што е за мене многу важно, се храбри. И ќе се обидеме да го изненадиме шампионот на Македонија. Иако сепак, фаворитската улога, не само во полуфиналето, туку и на комплетниот турнир е на страна на шампионот од Македонска Каменица“.

Своите очекувања ги презентираше и Глорија Груевска, од тимот на Крива Паланка.

Нашиот тим е спремен да покаже добра и квалитетна кошарка. Имаме одлична тимска атмосфера. И сум сигурна дека ќе ја оствариме нашата цел. А тоа е победа утре и едно историско финале за Крива Паланка“.

Јована Петрушевска од Бадел 1862 посака фер-плеј игра од сите учесници на турнирот кој треба да даде доказ за гледност, приближна на финалниот турнир во машка конкуренција:

„Сакам да им честитам на сите четири екипи што се пласираа во полуфиналето на Купот на Македонија. Се надевам дека овие два дена ќе поминат во фер плеј-игра и и сите четири екипи ќе покажат добрра кошарка. Пред се за да се докаже дека женската кошарка е исто така од големо значење и има своја гледаност.

Јас и моите „баделки“ заедно со тренерот и претседателот Павловски, сме подготвени за утрешниот натпревар. Крива Паланка како наш противник ни е доста познат. Спремни сме и мотивирани и нека победи најдобриот“.

ПретходноДождот прави хаос и затоа “виси“ дербито во Кратово!?
СледноНови детали околу Зинедин Зидан и Франција