ФФМ најостро ги демантира објавените лаги и манипулации на новинарот Фуркан Салиу

826

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро ги демантира изнесените наводи во јавноста од страна на новинарот Фуркан Салиу поврзани со натпреварите Вардар – Башкими и Шкендија Арачиново – Преспа.

Ниту ФФМ, уште помалку претседателот Масар Омерагиќ, побарале, ниту дале било каква наредба за отстранување на албански знамиња на натпреварот Шкендија А. – Преспа. Таквите тврдења се целосно неточни и претставуваат груба манипулација со јавноста, со јасна намера да се создаде непостоечка политичка позадина таму каде што ја нема.

Во однос на обвинувањата за наводна употреба на сила од страна на полицијата на натпреварот Вардар – Башкими, категорично ги отфрламе истите.

Напротив, припадниците на Министерство за внатрешни работи на Македонија (МВР), најпрофесионално и исклучително коректно ја извршуваа својата работа, дури и во моменти кога беа вербално и физички нападнати од лица од раководните структури на клубот од Куманово.

Обидите тоа да се претстави како „употреба на сила“ се тенденциозни и злонамерни.

Не е јасно од кои причини Фуркан Салиу со невистини и манипулативни конструкции се обидува да наметне наратив кој единствено создава омраза и поделби. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги не е новинарство, туку опасна игра со јавноста. Новинарството не подразбира сензационализам по секоја цена, ниту собирање политички поени преку фудбалот. Тоа значи одговорност, проверка на факти и професионален пристап, нешто што во овој случај очигледно изостанува.

Доколку има било какви нејаснотии, вратите на ФФМ се отворени за увид во фактите и официјалната видео документација. Лично го покануваме Фуркан Салиу да дојде во ФФМ и за овој случај, како што тоа го прави кога треба јавно да наметне став или теза во корист на Шкендија Арачиново и директно да се запознае со сите релевантни факти.

ФФМ нема намера да води јавни преписки и медиумски препукувања, ниту сака да биде доведена во позиција судски да ја докажува вистината. Сепак, доколку продолжат невистините и клеветничките наводи, ќе бидеме приморани да ги преземеме сите расположливи правни механизми за заштита на угледот и интегритетот на Федерацијата.

Сметаме дека е недостоинствено некој што се декларира како новинар да пласира непроверени и неточни информации со ваква тежина и последици.

ПретходноМЗТ повторно славеше во Куманово, победи и за Маџари и Гостивар
СледноРеал „падна“ во Памплона, Барселона го напаѓа врвот (ВИДЕО)