Европски Вардар едвај го преживеа Алкалоид (ФОТО)

206

Дербито од последното коло во Супер-лигата меѓу Алкалоид и Вардар 1961 заврши со победа на гостинскиот тим, кој убаво се испоти за да дојде до бодовите во Автокоманда, славеше со 25-28 (13-14). Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одличен меч, нијанси го делеа да дојдат барем до бод, искуството на противникот и европскиот состав на крајот беа клучни за крајниот исход.

Малус со 10 гола беше лидер во редовите на „црвено-црните“, Митровиќ и Хориха имаа по шест гола, Валах застана на 11 интервенции. На другата страна Борзаш постигна девет гола, Кизиќ запиша 9 одбрани.

Изедначено прво полувреме кое Алкалоид го отвори со голот на Борзаш, а на другата страна Вардар 1961 во петтата минута поведе со 3-5. Алкалоид го имаше распложениот Борзаш, Кизиќ успеа да запише две одбрани во низа, а неговиот тим да израмни на 8-8 пред средината на првото полувреме. Вардар 1961 на грешки на противникот одново дојде на плус два, новото засилување Воркапиќ имаше главен удел за 10-12. Алкалоид во 24 минута остана со играч помалку, Кизиќ на двапати не дозволи противникот да поведе со плус три, во период кога противникот имаше играч повеќе на теренот. Митев не успеа да израмни, на одморот резултатот беше 13-14.

Четири одбрани на Кизиќ на стартот на второто полувреме и серија од 4-0 на Алкалоид за прво водство од два гола на домашниот тим од 17-15 во 36-та минута. Избраниците на Кирил Лазаров водеа и со 18-16 и 19-17. Лазаревски и Малус сепак успеаја да израмнат на 19-19. На средината на вториот дел, Малус го врати минималното водство 20-21. Три нереализирани напади на Алкалоид, две одбрани на Валах, беа доволни за да гостите поведат со 21-23 во 48. минута.

На стартот на 52. минута беше вистинска драма, судиите доделија по две исклучувања на двете страни, за Џонов и Да Силва, а Дамјан Митев од седум метри израмни на 23-23. На пет минути до крајот, Малус и Да Силва зголемија на 23-25. После одбраната на Галевски и голот на Аларов, Алкалоид имаше шанса да израмни, но Георгиевски го прочита Борзаш, а Митровиќ зголеми на плус два (24-26). Лазаров повика тајм-аут, се реши за „седум на шест’, Борзаш реализира за 25-26. Митровиќ стави печат на победата 25-27. За Алкалоид не остана време.

Вардар 1961 овој дел го завршува со скор од 21 победа и еден пораз, додека пак Алкалоид со 16 победи, 3 ремија и 3 порази.

ПретходноТФТ со победа се врати на врвот, Чаир триумфално кај Кожув
СледноИнтер „гази“ во Серија А, нова победа над Лече (ВИДЕО)