Денеска актуелниот есенски шампион во ПМФЛ шампионатот, тимот на Вардар, во рамките од 19. Коло на комплексот Петар Милошевски во Скопје до 13 часот како домаќин ќе го пречека тимот на Башкими.
По двете стартни победи пролетва, против Арсими односно Работнички, Вардар посакува и трета радост. Секако тоа, мора да се заработи на терен, со добра игра, ефикасност и цврстина во одбраната онака како што беше и во претходните две кола.
Вардар е ефикасен пролетва. Постигна осум гола, а прими само еден во два дуела.
„Да, добро го започнавме пролетниот дел од сезоната, и тоа секако дека ни годи. Сепак, никако не смееме да помислиме дека нештата за нас ќе одат лесно. Кога си играч на Вардар, секој меч значи битка и тоа вистинска затоа што секој противник дава максимум против нас. Нема дилеми тука. Така ќе биде и денеска. Башкими е незгоден на негов терен, но и на гостински. Знае оваа екипа и тоа како да одигра добро, но од друга страна ние сме подготвени. Знаеме што треба да направиме за да стигнеме до нова победа и три бода пролетва во шампионатот“, изјави Давор Талески, чуварот на мрежата на Вардар.
Личина: Ќе го дадеме максимумот, нека победи подобриот
Екипата на Башкими одлично ја започна пролетната полусезона со едно реми и една победа, освојувајќи четири значајни бода кои ја доближуваат до главната цел – опстанок во елитата на домашниот фудбал.
Одбраната на кумановци ќе биде под голем притисок, соочувајќи се со нападот на актуелниот лидер во Првата лига. Вардар во досегашниот тек од шампионатот е најефикасен тим со постигнати 48 гола. И покрај тешката задача, дефанзивецот Есмин Личина верува дека Башкими има капацитет рамноправно да му се спротивстави на фаворитот.
„Се соочуваме со екипата на Вардар, која моментално е лидер на табелата во Првата лига. Можам да кажам дека доста добро го започнавме пролетниот дел од сезоната. Затоа, ќе го дадеме нашиот максимум, па нека победи екипата што ќе биде подобра на овој натпревар,“ изјави меѓу другото Личина.















