Некогашниот легендарен хрватски репрезентативец и селектор на хрватската ракометна репрезентација, Славко Голужа, итно бил пренесен во болница откако му се слошило на натпревар за својот клуб РК Бјеловар. Според порталот „Бјеловар Лајв“, Голужа почувствувал болка во градите на почетокот на второто полувреме од натпреварот помеѓу Бјеловар и Нексе 2 и отишол во соблекувалната во придружба на играч и помошник тренер. Таму ја дочекал брзата помош, која го пренела во болницата во Бјеловар.
Неговата состојба е добра, а ова го потврди и директорот на РК Бјеловар, Давор Ламза.
„Според последните информации, моменталната состојба на тренерот Славко Голужа е стабилна. Тој е во болницата во Бјеловар каде што се вршат комплетни тестови. Го посетивме и Голужа чека да бидат завршени тестовите за да може да си оди дома. Разбирливо, поради неговата состојба, не можеме дополнително да коментираме за сè“, рече Ламза.
Голужа го презеде Бјеловар минатиот месец. Клубот има девет поранешни титули во државното првенство и една европска титула. Новиот тренер нагласи дека му е потребна поддршката од сите и дека ќе биде потребно време за да се подобри. Славко Голужа, како играч, освои два олимписки и еден светски златен медал со хрватската ракометна репрезентација.










