„Сефте“ за Арсими пролетва

98

Екипата на Арсими извојува убедлива победа од 3:0 против Шкупи, иако не реализираше и пенал на натпреварот одигран во Гостивар. Арсими поведе уште во првата акција; Ремзифаик Селмани најдобро се снајде во опасната зона и го отвори резултатот.

Само три минути подоцна, Арсими стигна и до втор гол, но ВАР-системот го поништи погодокот на Фатјон Јусуфи. Во 16-тата минута, Џемаили се закани со удар со глава, но голманот на Шкупи беше на вистинското место. Сепак, големата грешка на голманот Сефер Муслиу ја искористи Аргенд Гафури, кој со прецизен удар по вторпат ја затресе мрежата на гостинската екипа.

До крајот на првото полувреме беа забележани уште неколку обиди на домаќините, но резултатот остана непроменет. На самиот почеток на второто полувреме, повторно на висина на задачата беше Ремзифаик Селмани, кој со својот втор гол на натпреварот го доближи Арсими до првата пролетна победа. Натпреварот остана динамичен и во 58-мата минута, кога беше досуден пенал за Арсими, но овој пат голманот Муслиу го одбрани ударот на Селмани. Истиот играч се закани повторно во 72-рата минута, но Муслиу уште еднаш беше последната пречка до трет погодок.

До крајот на средбата Арсими имаше уште неколку шанси, но резултатот остана 3:0. Со овие три бода, Арсими се искачува на шестото место, додека ФК Шкупи останува на последната позиција со само еден бод и без постигнат гол во пролетниот дел од сезоната.

ПретходноНиколо Ровела со долга пауза пред него
СледноАргентинецот во ретко видено издание: Кога Меси ќе збесне! (ВИДЕО)