Арсими и Шкупи со една цел – враќање на победничките патеки

63

Арсими денеска го пречекува Шкупи во рамките на 19. коло од фудбалско првенство, по двата порази на стартот од пролетниот дел од сезоната екипата има јасна цел, а тоа е враќање на победничките патеки.

Во пресрет на оваа важна средба, своето очекување го сподели фудбалерот Арѓент Гафури:

“Нѐ очекува многу важен натпревар против Шкупи. Иако во моментов не се наоѓаат во најповолна позиција на табелата и не минуваат низ најдобар период, тоа воопшто не го менува нашиот респект кон нив. Шкупи е клуб со историја, традиција и квалитет во составот. Свесни сме дека ќе биде цврст натпревар и на теренот ќе го дадеме максимумот. Го почитуваме секој противник, но нашиот фокус е на нашата игра, на позитивен резултат и на продолжување на патот кон нашите амбиции.”

И Шкупи ја продолжува потрагата по првата победа во пролетниот дел од сезоната. Иако тимот сè уште ја бара својата препознатлива форма и гол-серија, оптимизмот во таборот на чаирчани останува висок пред претстојниот дуел со Арсими.

По двете воведни соочувања во пролетната полусезона, во кои тимот прими девет гола, натпреварот против Македонија Ѓ.П. покажа дека младите фудбалери се на вистинскиот пат на развој. Со малку повеќе спортска среќа, токму тие можат да бидат креатори на следното изненадување на теренот.

Тренерот Алиса Виши верува во капацитетот на својот тим и нагласува дека дисциплината е клучниот фактор за успех на претстојниот натпревар во Гостивар.

„Како тренер, имам максимална почит кон противникот, но во овој натпревар влегуваме со целосна верба во нашите млади фудбалери. Работевме напорно во текот на целата недела и свесни сме дека фудбалот често ги наградува храброста, дисциплината и борбениот дух. Ќе се бориме за секоја топка и за секоја минута од натпреварот, давајќи го максимумот за клубот и за нашите навивачи“, заклучи Алиса Виши.

Натпреварот помеѓу Шкупи и Арсими ќе се одигра на стадионот во Гостивар со почеток во 14:00 часот.

ПретходноТепачката во Мајами фрли сенка врз импресивната серија ВИДЕО
СледноКУП 2026-ЖЕНИ: Четвртти трофеј за Баскет кам или прв за Крива Паланка?