По голема борба и со пресврт во второто полувреме, ракометарите на Вардар го совладаа германски Мелсунген со 37:33 и ја остварија првата победа во втората фаза од ЕХФ Европската лига. Пред френетичната домашна публика, Вардар успеа да се крене од сивилото во кое се најде во добар дел од првото полувреме и на крајот да ја обезбеди планираната победа против тимот на некогашниот вардаров предводник, Гарсија Парондо.
Вардар хаотично го започна мечот и им дозволи на гостите комплетно да го диктираат темпото. Играта во нападот не беше ефикасна, а одбраната беше далеку од вистинска. Тоа Германците го искористија и брзо успеаја да направат голема предност од 6 голови разлика (4:10).
Во неколку наврати „црвено-црните“ успеваа да ја спуштат негативата на 2-3 гола, но никако да најдат начин како комплетно да го „скршат“ тимот на Парондо. Мелсунген продолжи со добри серии и уште во неколку наврати имаше предност од 6 гола разлика (6:12, 9:15). Сепак, во завршниот дел, Вардар полека успеваше да ја стабилизира одбраната, а нападот донесе и лесни погодоци откако Мелсунген форсираше напад со играч повеќе.
Со голот на Боно Вардар успеа во последниот напад да намали на 18:19 и со овој резултат да оди на пауза.
За разлика од првото, второто полувреме момците на Чупиќ го почнаа одлично. Со фуриозна игра веднаш направија серија од 3:0 и го свртеа резултатот во својата полза. Иако Мелсунген во неколку наврати се обидуваше да дојде до резултатски егал (22:22), како одминуваше времето Вардат играше се посигурно. Хориха беше повлечен од игра поради тоа што имаше очајна реализација во напад (1/7), но затоа фантастично одигра Воркапиќ кој продолжи да ја полни мрежата на денеска извонредниот голман на Германците, Бартуц, кој мечот го заврши со 14 интервенции.
Вардар на крајот успеа да дојде до одлична позитива и ги запиша првите бодови во втората фаза од натпреварувањето.
Малус со 10 и Воркапиќ со 9 гола беа извонредни во дресот на „црвено-црните“, додека кај Мелсунген Стефансон заврши со 12 гола.










