Куп 1/4 финале: Шкендија (А) го „преслуша“ Работнички и се избори за историско полуфинале

300

Шкендија Арачиново – Работнички 3:1 е исходот од четвртфиналниот меч во Купот на Македонија, кој денеска се одигра во Куманово. Како и лани во првото коло, така и сега, второлигашот од Арачиново повторно е кобен за Работнички, и по вторпат го елиминира. Ова е историја за Шкендија Арачиново, имено овој клуб за првпат се пласира во едно полуфинале во Купот на Македонија. А таму за ривал, во два меча, ќе го има подобриот од дуелот Струга ТЛ – Шкендија.

Сензација или не? Па, и не е ако се знае дека “домаќинот“ одигра квалитетно, додека прволигашот прикажа бледа игра.

Шкендија Арачиново поведе со прекрасниот гол на Дарио Десниќ во 40.минута, со тој резултат од 1:0 се замина на пауза.

Во 60.минута Жоглев донесе водство од 2:0, а само три минути подоцна Демири од слободен удар со убав гол намали на 2:1. Да кажеме дека од 58.минута Работнички играше со играч помалку по исклучувањето на Пејовиќ.

Во 68.минута судијата Александар Грујоски покажа пенал за домашните, но по интервенција на ВАР, тој ја виде снимката и одлучи да ја промени својата одлука.

Сепак Шкендија Арачиново постигна трет гол и тоа во 85.минута преку Назифи. Па така тимот на стратегот Љупчо Марковски – Калц, успеа да победи и да оди натаму во Купот на Македонија.

ПретходноАргентина ги одложи натпреварите поради обвинувања за измама на фудбалската федерација
СледноКуп на Македонија: Охрид го елиминираше Вардар