Росети со јасна порака: “Македонските судии напредуваат, вратата на УЕФА е отворена“!

52
ФОТО:FFM.MK

Првиот човек на судиската комисија на УЕФА, Роберто Росети, испрати охрабрувачки пораки за развојот на македонските фудбалски судии. При посетата на Фудбалска федерација на Македонија, тој истакна дека напредокот е очигледен, како во физичката подготвеност, така и во професионалниот пристап и користењето на ВАР-технологијата.

Росети потенцираше дека УЕФА внимателно следи неколку македонски судии и дека можноста за делегирање на големи европски натпреварувања е реална, но зависи од нивната посветеност, став и континуирана работа.

Колку сте задоволни од напредокот на македонските судии во последните години, како на домашен, така и на меѓународен план?

Знаете, суштината е во квалитетот. Потребни ни се квалитетни судии од секаде, од сите европски земји. Една од причините за мојата посета е токму тоа да им го пренесам како повратна информација. Тие мора да веруваат дека во врвните натпреварувања ангажираме судии од цела Европа, вклучително и од фудбалски помалите земји. Македонските судии напредуваат. Следиме неколку судии од Македонија и ги очекуваме. Нашата врата е целосно отворена и навистина се надевам дека оваа посета ќе им биде поддршка за да го направат тој дополнителен чекор во блиска иднина“.

Според ваше мислење, кои се најголемите подобрувања што ги забележавте кај судиите од Македонија?

Подобрувања има во многу сегменти на судењето. Пред сè, сега тренираат и се физички подготвени на врвно ниво. Многу се поподготвени отколку порано. Оваа сезона започнаа да го користат и ВАР-системот, што е одлично. Тоа е добро за фудбалот, добро е за нив и сега ќе се навикнат на неговата употреба. Тие работат многу сериозно и навистина се надевам дека во иднина ќе видиме квалитетни кадри во нашите врвни натпреварувања“.

Колку е значајна институционалната поддршка од Фудбалската федерација?

Таа е од пресудно значење. Поддршката од националната асоцијација кон судиите е најважниот дел во судењето. На судиите им е потребна поддршка, потребна им е доверба и силна соработка со федерацијата. Судењето е многу важно и за самата федерација, бидејќи тоа ја прави поцврста. Тука станува збор за интегритет и за инвестирање во иднината“.

Како ја оценувате имплементацијата и развојот на ВАР-системот во Македонија?

Токму вчера го посетив ВАР-центарот во Федерацијата и сакам да им честитам за оваа голема инвестиција. Знам дека работат многу добро и дека ги следат насоките на УЕФА. Ова е значаен чекор за фудбалот, тоа е многу важна алатка не само за судиите, туку и за играчите и навивачите. Се работи за транспарентност и за многу други придобивки“.

Што е она што го разликува добриот судија од елитниот судија?

Станува збор за ставот. За желбата секој ден да се подобри по нешто. Станува збор за мотивација, за напорна работа и за подготвеност да се направи сè што е потребно. Човек треба да биде речиси опседнат со она што го работи, но и да чувствува љубов кон фудбалот“.

Гледате ли потенцијал македонските судии да бидат делегирани на големите турнири на УЕФА?

Со нетрпение очекуваме да ги делегираме на големите турнири што е можно поскоро, но тоа зависи од нив самите. Ние сме целосно отворени. Имаме врвни судии од сите делови на Европа и навистина се надеваме дека наскоро ќе видиме и македонски судии на најпрестижните натпреварувања“.

Доколку денес би требало да им упатите една јасна порака на македонските судии, која би била таа?

Бидете фокусирани на следниот натпревар, работете напорно и давајте го максимумот секој ден“.

Што мора веднаш да се промени доколку сакаме побрз напредок?

Краток пат до успехот во фудбалот не постои. Сè се сведува на напорна работа“.

ПретходноКуп на Македонија: Охрид го елиминираше Вардар
СледноИсториско полуфинале: ГФК Охрид со победничко селфи од Скопје!