Ситуацијата во редовите на Работнички ни малку не е подобрена. Најтрофејниот кошаркарски колектив и натаму се „дави“ во проблемите кои од година во година се зголемуваат. Клубот кој е заштитен знак на кошарката во Македонија е без пари, без опрема, без основни средства за функционирање. Кошаркарите немаат земено осум плати, а никој од раководството, ниту пак градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски во овој момент не се грижи дека клубот може да згасне.
На Фејсбук страницата на Работнички се обратија од клубот, во продолжение ви го пренесуваме целосно соопштението.
„Ние, играчите и стручниот штаб на КК Работнички, сме принудени јавно и недвосмислено да реагираме поради крајно неприфатливата и понижувачка состојба во која се наоѓа тимот, како и поради игнорантскиот однос на раководството и локалната власт кон луѓето кои секојдневно го бранат грбот на клубот.
Со месеци наназад предупредуваме дека ситуацијата е алармантна, но место решенија, добиваме молк, празни ветувања и избегнување одговорност. Во овој момент на играчите им се должат осум плати, што претставува директен удар врз нашата егзистенција, нашите семејства и нашето достоинство како професионалци. Ова не е само финансиски проблем — ова е системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот.
Тимот функционира во недостоинствени услови, без основна опрема, без елементарна логистика и со постојана неизвесност околу најосновните организациски прашања. На патувања сме оставени сами на себе, без сигурен превоз, па често навивачите ги покриваат овие трошоци. Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме.
Дополнителен врв на непочитување е фактот што ниту играчите, ниту стручниот штаб не беа поканети на официјалното отворање на реновираната сала — нашата „куќа“. Овој чин јасно покажува колку малку се ценат луѓето кои секојдневно се борат за грбот и угледот на клубот.
Јавно констатираме дека ветувањата дадени од градоначалникот не се исполнети, всушност, слободно можеме да кажеме дека тој неколку пати не излажа, а спортскиот директор со недели не одговара на телефонските повици и пораките, со што практично ја прекина секоја форма на комуникација со тимот. Ваквиот однос го сметаме за неодговорен и недозволив.
Доколку во најкраток можен рок не се подмират заостанатите обврски и не се преземат конкретни и видливи чекори за стабилизација на клубот, јавно соопштуваме дека нема да ги играме следните натпревари. За оваа одлука целосната одговорност ќе ја сносат раководните структури и институциите кои дозволија клубот да дојде до оваа состојба.
Ние не бараме привилегии — бараме основни услови за работа, почит и исполнување на договорените обврски. Секое понатамошно игнорирање ќе значи директно уништување на спортскиот интегритет на клубот и ќе ја информираме целокупната јавност и релевантните институции за сите наредни чекори.
Во интерес на вистината, навивачите и македонската кошарка, бараме итна и транспарентна реакција. Работнички е поголем од сите поединци, но без луѓето кои играат и работат во него — клуб нема.
Остануваме обединети, но решителни да се избориме за нашите права и достоинство“.










