Салата „Градски Парк“ во иднина ќе го носи името на легенадрниот тренер, Лазар Лечиќ. Оваа информација на социјалните мрежи ја сподели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски. Предлогот доаѓа од ветераните на Работнички, а истиот е на место, бидејќи не постои посоодветно кошаркарско име, кое заслужува засекогаш да биде изгравирано во овој спорт.
„Со голема чест ќе предложам пред Советот целосно реконструираната спортска сала „Работнички“ да го носи името на легендарниот тренер Лазар Лечиќ. Иницијативата доаѓа од ветераните на КК Работнички и спортската јавност, како логично продолжение на традицијата и духот на клубот.
Горд сум на тоа како е реализиран овој проект. Денес имаме целосно нова сала – од кров, осветлување и вентилација, до модерен паркет, нови санитарии и уредени канцеларии за спортските федерации. Салата е обновена од корен и подготвена за нови спортски успеси.
Во петок не очекува и првиот официјален натпревар, кога македонската кошаркарска репрезентација ќе игра против селекцијата на Луксембург.
Продолжуваме да инвестираме во спортот и да оддаваме почит на оние што ја создаваа неговата историја“, напиша на својот Фејсбук профил, Горан Герсимовски.










