Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Жозеп Мариа Берокал, ги одбра финалните 12. кошаркари во ростерот на кои ќе смета за мечот од третото коло од групата „А“ од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029, против репрезентацијата на Луксембург.
Новиот предводник на нашиот сениорски тим, по денешниот тренинг, ги тргна дилемите, и го одбра финалниот состав кој ќе влезе во официјалниот протокол за средбата против репрезентацијата на Луксембург, која ќе се игра на 27.февруари (петок), во салата во „Градски парк“ во Скопје, која стартува од 18.часот, со директен пренос на програмата на МРТ.
Селекторот Берокал се одлучи на натпреварот против репрезентацијата на Луксембург да играат: Војдан Стојановски, кој ќе биде и капитенот на тимот, Андреј Магдевски, Виктор Ташовски, Лука Стојановски, Марин Петков, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски, Етан Хап и Теодор Симиќ.










