Репрезентациите на 13 мај означуваат старт на подготовките за Европската лига 2026

11

Подготовките за учеството на Европската лига 2026 за машката и женската сениорска репрезентација на Македонија ќе стартуваат на 13 мај во Скопје. Селекторот на мажите, Јошко Миленкоски, како и новиот предводник на дамите, Милош Гавриловиќ го дефинираа планот и програмата за работа на националните тимови за првите активности во летниот период.

Миленкоски репрезентацијата ќе ја собере во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје каде екипата ќе се подготвува две недели. Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Будва.

Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026, која од оваа година ја превзема и улогата на квалификациски циклус за ЕП 2028 го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург.

Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.

Женскиот национален тим паралелно ќе се подготвува во Скопје, во СЦ „Форца“. Дамите на 29 и 30 мај треба да одиграат два контролни натпревари, за кои Федерацијата е во преговори со потенцијалните спаринг партнери.

Девојките првиот турнир од Европската лига 2026 го играат во Порто, каде на 6 јуни за противник ја имаат Унгарија, додека на 7 јуни играат со Португалија. Потоа патуваат за Шпанија, во Аликанте, каде домаќинот ги пречекува на 12 јуни, а ден подоцна се соочуваат со Азербејџан. Македонија настапот во годинешното издание го завршува на домашен терен кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 19 јуни ќе ги измери силите со Хрватска, додека на 21 јуни против Словенија ќе го комплетира учеството.

ПретходноЛК: Шкендија сака да испише нова историја!
СледноНавивачите на Реал може да здивнат, после тешката повреда се огласи Асенсио